Новиот пакет антикризни мерки на седница на Владата во вторник следната недела
Прво се најавуваа во почетокот на ноември, потоа за неделава, а денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска изјави дека новиот пакет со антикризи мерки ќе биде разгледан на седница на Владата во вторник следната недела.
„Во вторник ќе има информација што се содржи новиот пакет антикризни мерки“, рече Тренчевска, која со министерот за транспорт и врски Благој Бочварски е во посета на Кавадарци.
Одговарајќи на новинарско прашање, таа рече дека со мерките ќе бидат опфатени голем број граѓани и приватниот сектор.
Според најавите, во антикризните мерки ќе бидат опфатени најранливи категори на граѓани и пензионери со минимална пензија.
На почетокот на овој месец Владата го усвои Предлог-законот со кој се обезбедува мерката за финансиска поддршка на граѓаните со низок доход, корисници на пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници.
„Ние направивме неколку категории на пензионери, пензионери под 14.000, кои што примаат до 14.000, до 16.000 и до 19.000 денари. Овие ќе добијат дополнителен финансиски додаток како што работната група преговараше. Ќе добијат фиксен додаток“, рече Битиќи.
Тој додаде дека висината на финансиската помош ќе биде различна за различните категории пензии.
Како дел од антикризните мерки предвидени се и средства како енергетски додаток за ранливите категории со социјални пензии.
Инаку, до крајот на годинава во Буџетот се предвидени 75 милиони евра за антикризни мерки, а за идната година дополнителни 55 милиони евра пред се за продолжување на субвенционирањето на цената на електрична енергија, рече премиерот Димитар Ковачевски, минатата недела во телевизиско интервју.