Новиот „омикрон“ сој на корона вирусот го зголеми стравот од Ковид – 19
Според светската статистика, во светот досега од корона вирусот се заразиле над 260 милиони луѓе, починале 5,2 милиони и оздравеле околу 235 мипиони жители.
Битката против пандемијата дополнително се усложнува поради најновиот сој на коронаворусот откриен во Јужна Африка, кој го доби името „омикрон“, поради што Светската здравствена организација СЗО свика итен состанок.
Тулио де Оливеира, директор на Центарот за одговор на епидемијата и иновации во Јужна Африка, на претставниците на СЗО им ја пренесе својата загриженост во врска со новиот сој на коронавирус Б.1.1.529, за кој се стравува дека е досега најлошата идентификувана варијанта на вирусот. Тулио де Оливеира изјави дека новиот сој има многу голем број мутации, што носи ризик од брзо ширење на болеста.
Според последните податоци, оваа нова варијанта на коронавирусот во Јужноафриканската Република е дијагностицирана кај вкупно 77 лица.
Д-р Марија Ван Керков, техничкиот лидер на СЗО за Ковид-19, на вчерашната прес-конференција кажа дека се уште не се знае многу за оваа варијанта.
-Тоа што го знаеме е дека оваа варијанта има голем број мутации. А загриженоста е дека кога имате толку многу мутации, тоа може да влијае на тоа како се однесува вирусот, рече Ван Керков.
-Новата варијанта на коронавирусот идентификувана во Јужна Африка е најзагрижувачката што сме ја виделе досега, изјави главниот медицински советник на Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство, д-р Сузан Хопкинс.
Таа истакна дека вредноста Р во Гаутенг, каде што е пронајдена новата варијанта, сега е два, што е „навистина е прилично висока“. Вредноста Р е просечниот број на инфицирани луѓе од едно заразено лице. Така, во Гаутенг, секој инфициран го пренесува вирусот на уште две лица.
ЕУ привремено ги суспендира летовите од Јужна Африка, а ограничувања за патувања од таа земја воведо и САД и Канада.
Во Израел е откриен првиот случај на зараза со новиот вид на коронавирус Б. 1.1.529, кај граѓанин кој се враќал од Малави, соопшти денеска прес-службата на израелското Министерство за здравство.
Идентификуван е еден случај на сојот Ну и во Белгија.
Сојот Б.1.1.529 првично детектиран во Јужна Африка, и попознат под името Ну има многу брз капацитет на репродукција и е веќе присутен во повеќе земји.
Вакцините речиси сигурно ќе бидат помалку ефикасни против новата варијанта на коронавирусот што се шири од Африка, изјави за Би-Би-Си професорот Џејмс Нејсмит, биолог од Универзитетот во Оксфорд.
– Тоа е лоша вест, но не е крај на светот, рече Нејсмит, додавајќи дека вакцината ќе биде ефикасна до одреден степен, но веројатно помалку ефикасна отколку што беше кај претходните варијанти.
Хрватскиот тим за управување со ковид-кризата одлучи да воведе 14-дневен карантин и задолжително тестирање на Хрватите кои се враќаат од Јужна Африка, Боцвана, Лесото, Намибија, Зимбабве и Конго, како и забрана за влез на странци од тие држави.
И Грција воведе рестрикции. Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција вчера одржа вонреден состанок, а по нивните препораки грчката Влада донесе одлуки за дополнителни рестрикции.
Дозволен влез само за грчки државјани и државјани на други земји за есенцијални потреби само по добиена дозвола, но и под услов да имаат негативен ПЦР тест, предвиден десетдневен карантин во Грција, тестирање при пристигнувањето, се дел од мерките што од днеска ги воведува Грција за патници од земјите од јужна Африка, Боцвана, Намибија, Лесото, Зимбабве, Мозамбик, Есватини, Замбија и Малави, поради новиот сој B.1.1.529 , јави дописничката на МИА од Атина.