Новиот бугарски амбасадор сѐ уште чека агреман од Македонија
Иако беше најавено дека Жељаско Радуков, дипломат од кариера и организациски секретар на мешовитата комисија за историски и образовни прашања, ќе биде новиот бугарски амбасадор во Македонија, тој сѐ уште не добил агреман за оваа функција од нашата држава.
Како што е познато, на актуелниот амбасадор Ангел Ангелов мандатот му истекува во јуни, а новиот амбасадор требаше да дојде истиот месец во Македонија.
Именувањето на Радуков за амбасадор во Македонија официјално беше објавено од Софија во февруари оваа година и фактот дека оттогаш поминаа четири месеци, а агреман нема, почна да зачудува некои дипломатски кругови кај нас, без оглед што државава организираше двојни избори и дојде до смена на власта. За споредба, на нашата амбасадорка во Бугарија, властите во Софија ѝ дадоа агреман за еден месец.
Според законската регулатива, за агреман на странски амбасадор мислење даваат прво разузнувачките служби, а потоа предлогот се испраќа од министерот за надворешни работи до претседателот на државата, кој треба да го одобри. Во новиот кабинет на Гордана Сиљановска-Давкова не беа запознати со тоа сѐ уште, а во МНР немаа исто така прецизна информација за ова прашпање, кое од друга страна е и дел од дискреционите постапки на државата.
Радуков на амбасадорската функција во Скопје беше предложен од вицепремиерката и министерка за надворешни работи Марија Габриел. Тој е дипломат од кариера и еден мандат веќе служеше како трет секретар во Македонија. Од 2021 година Радуков беше одговорен во бугарското МНР за билатералните односи со нашата држава, но и за европскиот контекст. Радуков, како што стоеше во образложението на предлогот, имал клучна улога и во креирањето и спроведувањето на европскиот компромис (францускиот предлог според нашето толкување) од 2022 година по ветото на Софија во ЕУ. Тој бил вклучен и во билатералните преговори за Протоколот од вториот состанок на Меѓувладината комисија во јуни 2022 година, а наедно бил и организациски секретар на Мешовитата историска комисија, околу која се дигна толкава прашина во Македонија. (С.Ј.)