„Нови лист“: Полесно ни беше под притисоците на Туѓман отколку сега


Новинарите на „Нови лист“ во Риека влегуваат во 120-годишнината од постоењето со повеќе грижи од кога било порано: за три години бројот на вработени е преполовен, шест главни уредници се сменија, а редакцијата ја напуштаат врвните новинари.

Колку е лоша ситуацијата, најдобро ја објаснува изјавата на еден од новинарите на „Нови лист“ со кој разговаравме, кој од очигледни причини не сакаше да биде именуван: „За нас беше полесно под Фрањо Туѓман и неговите притисоци отколку денес“.

Само во изминатиот месец, околу 10 новинари и уредници од риечката редакција и дописништвото во Загреб дадоа откази побараа друга работа, вклучително и синдикалниот повереник, па сегашните преговори околу анексот на Колективниот договор ги води Синдикатот на новинарите. Во „Нови лист“ денес се вработени 200 лица, но секојдневно на нив им се испраќаат нови договори со помали плати и помали права.

„Ситуацијата во ‘Нови лист’ е многу тешка. Правата на новинарите постојано се намалуваат од анексите на Колективниот договор, а состаноците што ги имавме со управата не оставаат добар впечаток затоа што не е јасно што сакаат да постигнат. Новинарите не се свесни дека треба да се борат за своите права и да ги користат опциите што ги даваат нашите закони“, вели претседателката на Сојузот на новинари на Хрватска, Маја Север. Таа додава дека почитувањето на новинарските работни права во Хрватска е драматична, само два државни медиуми – Хина и ХРТ – имаат и спроведуваат колективни договори.

Состојбата во „Нови лист“ се влоши драматично во септември, откако Уредничкиот совет, синдикатот и огранокот на ХНД се спротивставија на назначувањето на друг в.д. главен и одговорен уредник без поддршка на редакцијата, со што се прекршува статутот на „Нови лист“. Овој пат, управата назначи главен уредник кој не е ниту новинар ниту уредник, што ја шокираше редакцијата и сите релевантни новински организации.

 

Претседателот на ХНД, Хрвоје Зовко, потенцира дека состојбата во „Нови лист“ е навистина вознемирувачка и дека самиот факт што главните уредници се менуваат како на лента, укажува дека нешто не е во ред со весникот.

„Она што се случува е срамно и затоа ќе го повторам ставот на ХНД: честите промени на главниот уредник се кршење на законот за медиуми и уредничкиот статут, кој им гарантира на новинарите и уредниците професионална независност од мешање на сопственикот и раководството. Беше известен ресорниот министер, одлични новинари кои работеа со години во оваа медиумска куќа, која порано беше пример, заминуваат затоа што немаат друг избор“, истакнува Зовко.

Министерката за култура Нина Обулјен-Коржинек ги игнорираше предупредувањата на ХНД.

Од основањето на хрватската држава до раните 2000 години, „Нови лист“ беше оценет како најкритичен дневен весник од владите на ХДЗ. Големи притисоци имаше додека беше жив првиот претседател Туѓман, но сериозната криза во „Нови лист“ започна во 2008 година кога тајкунот Роберт Јежиќ го доби сопствеништвото на весникот кој дотогаш беше во рацете на вработените. Јежиќ на јавноста ѝ е познат по судењето на поранешниот премиер Иво Санадер за аферата „Ина-МОЛ“. Јежиќ денес е главен сведок во обвинителството против Санадер, тврдејќи дека преку него Унгарците сакале да му платат на Санадер пет милиони евра мито за преземање на „Ина“, а со падот на Санадер, неговата империја започна да се распаѓа.

Блискоста на Јежиќ и Санадер се рефлектираше и во уредувачката политика на „Нови лист“, која во 2011 година мина во рацете на тогашниот сопственик на весникот „Глас Истре“, истарскиот тајкун Алберт Фаџијано. После тоа, риечкиот дневен весник поминува претстечајна спогодба во која е купен во 2016 година од страна на чешко-словачкиот инвестициски фонд JиT.

Следната година Риека ќе биде европски главен град на културата, „Нови лист“ ќе полни 120 години постоење, а Хрватското новинарско друштво 110 години. Додека таткото на современото хрватско новинарство, Франо Супило, токму преку „Нови лист“ го реформираше тогашниот систем на информирање, новинарите на дневниот весник денес стравуваат за иднината и се прашуваат дали „Нови лист“ ќе престане да излегува. Проблемите што го мачат се многу: политичките и економските притисоци се секојдневни, работните статуси и примањата се неизвесни, сопственоста на „Нови лист“ се смета за нетранспарентна, бидејќи таа формално е сопственост на чешко-словачкиот инвестициски фонд, не е јасна уредувачката политика или деловните цели. (Дојче веле)