Новата влада во Холандија ќе го направи проширувањето на ЕУ потешко

Шест месеци по изборите и по макотрпни преговори четири десничарски партии во Холандија се согласија за принципите за формирањето на новата влада, иако уште не е одредено кој ќе биде премиерот. Радикалниот десничар Герт Вилдерс, кој беше победник на изборите, нема да биде премиер (затоа што никој не го сакаше), но неговата Партија на слободата (ПВВ) ќе биде клучен партнер во владата. Во четиричлената коалиција ќе бидат и централно-десничарската Народна партија за слобода и демократија (ВВД) на досегашниот премиер Марк Руте, десничарските популисти од Движењето Фармер-Граѓанин и центристичката партија Нов социјален договор (НСЦ).
Во Брисел веќе има стравувања и главоболки какви пораки и барања ќе испорачува новиот холандски кабинет во различни сфери. Коалицијата сака да ја има „најстрогата политика за азил досега“ преку привремен кризен закон. Таа сака да се откаже од одредени миграциски правила на ЕУ, поставувајќи го Хаг во судир со Брисел, кој штотуку договори нов пакт за миграција и азил.
Има тука прашња за климата и земјоделството, кои ќе бидат на друг колосек од оној по којшто одеше владата на Руте, но Македонија и другите кандидати за членство во ЕУ ќе се најдат пред еден поцрвсрт ѕид на нивниот пристапен пат. Проширувањето на блокот во наредните години ќе биде покомплицирано.
Холандија веќе беше еден од построгите играчи во ЕУ, тврдејќи дека земјите треба да се движат кон пристапување во Европа врз основа на внатрешни реформи, а не на геополитички размислувања. Ние тоа на свој начин го гледавме и слушавме од холандскиот амбасадор во Скопје изминативе години. Новата владина коалиција уште повеќе ќе се фокусира на овој процес заснован на заслуги.
Од една страна тоа може да биде добро за реформите што треба да се спроведат, а од друга да ги демотивира земјите кандидати на нивниот пат кон ЕУ.