Новата 2026 полоша од 2025, а подобра од 2027

Колкава е опасноста Македонија да се распадне ако од  фактор на стабилност на Балканот  стане фактор на нестабилност, или како што ја викаа „јаболко на раздорот“. Или пак беше „буре барут“


Може ли Новата 2026 година да ни биде поубава од оваа прекрасна 2025, година на големи успеси. Се разбира дека може, ако се објавуваат само убави вести. Треба да се разбистри медиумскиот „талог“, да се отстранат „глодарите“ и „лешинарите“ што ја трујат јавноста, да се уништи слабата предавничка опозиција, да се реформира по препораките на власта, да биде конструктивна и видлива само со поддршка на убавите вести и работата е завршена – Македонија ќе цвета.

Формулата е едноставна и лесно применлива многу пати докажана низ историјата на светските тоталитарни режими. Премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се на добар пат да ја остварат оваа доктрина како пропаста да се прикажува како извонредни достигнувања.

Како тоа изгледа во нашата реалност на сестран брз развој на демократијата, општественото уредување,  економијата, стандардот на населението, евроинтеграциите, културата, образованието,  здравството, земјоделството, иселувањето на младите, екологијата и заштитата на човековата околина,  спортот, во сите области, исто како што напредокот и ни се случи во оваа 2025 година.

Тоа се постигнува многу лесно, првата работа кон успехот е да се укине поделбата на власта и тоа да се прикаже во јавноста дека сите институции на државата, почнувајќи од Собранието, Уставниот суд, комплетниот правосуден  систем, претседателот на државата, гувернерот, државната каса, стопанските комори, админстрацијата, синдикатите, медиумите треба независно и самостојно, според уставот и законите, да си ја работат својата работа. Се разбира, под строга контрола на владата.

За тоа е потребно партиите на власт секаде да воспостават свои проверени лојални кадри и послушници. Тоа на разбирлив јазик се вика заробена држава, која е окупирана со закани и сеење страв. Добар дел од тоа во оваа успешна 2025 година веќе е постигнато, а во новата 2026 година тој процес ќе биде целсоно остварен.

Демократија како гола форма на репресија

Ајде да тргнеме од нашата формална демократија, политичкиот систем и општествено уредување. Веќе сме изморени од приказните за владеење на правото, што кај нас се подразбира единствено како преземање под партиска контрола на правосудниот систем, а не како сегмент на демократијата. Толку многу е изместена оваа прва лекција од учебниците за  функционирањето на институциите, каде јасно пишува дека надвор од демократијата принципот на владеење на правото претставува гола форма која лесно се трансформира во инструмент на присила, репресија и диктатура.

Основната функција на владеење на правото е ограничувањето на политичката власт и обезбедувањето на ефикасна заштита на човекот и неговите слободи и права. Сведоци сме дека кај нас се случува сосема спротивното. Не се ограничува политичката власт, туку се озаконува поткопувањето на владеење на правото, со што демократијата во Македонија е навистина гола форма трансформирана во инструмент на присила и репресија, што е веќе завршена работа со притисоците врз правосудниот систем и прифатено со убавите вести како голем успех. Наместо ограничување на власта, имаме инсталиран систем на политичка и партиска контрола  на сите институции.

Науката вели дека нема економски развој и раст на стандардот на граѓаните без вистинска демократија и владеење на правото. Нашата власт докажува со пласирање на убави вести дека таквите научни правила се погрешни. Повторно сме лидери на лаги со најголем економски раст во регионот, со задолжување од нови милијарди евра и со огромна дупка во буџетот, без ниту една капитална домашна инвестиција во изминатите 18 месеци, што јасно кажува дека не е можен побрз развој и пораст на стандардот на населението, и што неминовно навестува економска криза која е двоен сад со политичката нестабилност.

Стандардот на граѓаните е во слободно паѓање. Така, најниските плати и најголемата сиромаштија во регионот преку ноќ стануваат најдобри, бидејќи нашите најниски плати имаат најголема куповна моќ, кажуваат убавите вести. Кој сега залудно ќе проверува  колку чини синдикалната кошничка за преживување во сооднос на платите во соседството, кога тоа лично го пресметал премиерот Мицкоски на кој математиката како политички есап му е неприкосновена.

Плачеме ли плачеме херојски за Европа

Еве на пример, линеараниот раст на пензиите ептен економски оправдан и законски веќе докажан од партиските уставни судии. Како тоа може да биде противуставно кога на сите подеднакво им се зголемуваат пензиите. Ваква урамниловка немало ни во комунизмот.

По три-четири децении работа до старосни пензии се издвојува од платите процентуално, а пензиите ќе се зголемуваат линеарно без оглед кој колку плаќал во државниот пензиски фонд. Ете, тоа било во склад со Уставот, така изгласале пата–пата независните уставни судии без притисок од власта и лично од премиерот, кој најдобронамерно јавно им се закани  да не ги уриваат владините политики. Тоа се убавите вести да се задржат младите со стимулативни зборови и празни ветувања да не се испразни Македонија и во догледно време да не останат само милион жители во најголемиот пенизионерски дом во Европа.

Во тој случај зошто ни се потребни евроинтеграциите со членство во ЕУ. Повторно за тоа имаме убави зборови со лажни солзи во очите на нашите властодржци. Демек, сите се за припадност на Европа. Тоа било наш најголем приоритет. Сме припаѓале цивилизациски, културно, географски и економски на Европа. Таму била нашата голема дијаспора. Дрн, дрн јариња. Арно ама, ни требаат гаранции од Европа и од нашите соседи дека ќе нема повеќе протекционизам и вета.

Плачеме ли плачеме херојски. Се бара партиски консензус да нема компромиси и цврсто да останеме на нашиот став за предвидливост на датумот кога ќе станеме членка на ЕУ. Се разбира, нема појаснување за какви вета бараме гаранции. Дали за владеење на правото, на замижување на организираниот криминал и високата корупција, за стопираните европски пари од стотина милиони евра за земјоделството, за лошото идеологизирано образование, за катастрофалното здравство, за енормното загадување што нѐ става  на врвот на светските ранг листи, за дивите и питоми депонии, за најголемата држава-коцкарница на Балканот и пошироко, и дестици други обврски кои треба да се исполнат со спроведување на реформите, кои не се само предуслов за влез во ЕУ, туку и цврсти ветувања од сите релевантни политички партии дека ќе ги остварат реформите како наша најголема неопходност да се оди напред.

За тоа не е мрднато ни чекор напред, иако убавите вести кажуваат дека сме пред сите во Западен Балкан, ама еве Европа немала исти кантар кон Македонија, туку протекцинистички правила за заштита на  своите редовни членки.  

Кога компромисот станува велепредавство

Им држиме лекции по меѓународно право, дрдориме за Копенхашки критериуми. Им се лутиме за нашата тажна приказна, ги исмеваме бриселските бирократи со патриотски изјави. Најубавата вест е што е она што власта, нашиот премиер и претседателот на државата, подразбираат под поимот компромис. Тоа не било ништо друго туку велепредавство на националните и државни интереси со склучување на договорите со Грција и со Бугарија. Тоа било страшна загуба на македонските посебности, идентитет и славната историја, иако ништо досега не е изгубено, ни идентитетот, ни јазикот, ни суштинското име Македонија, кое го има единствено во светот нашата држава.

Уште колку децении ни се потребни да научиме што е компромис на што почива и основањето на Европската заедница десетина години по Втората светска војна со милионски жртви и катастрофални разорувања за со компромиси да ја формираат таа заедница која прерасна во Унија, за која убавите вести кажуваат само што не се распаднала. И што мајка бараме таму кај што бегаат младите.

Заговараме  консензус за да не влеземе во Европа, поставувајќи услови како да сме атомска велесила. Уште никој не му кажал на овој народ колкави се загубите на Македонија што не станавме членка на ЕУ пред 15 или 20 години под многу поповолни услови и помали остапки  без додавки на уставното име и без промена на Уставот.

Кои гаранции ги дава актуелната власт по сегашните големи геостратегиски промени во светот на интереси по завршување на војната во Украина среде Европа и условите за мир и каде во тој случај ќе се најде Македонија. Која гаранција е дека по членството на  Албанија во ЕУ, која, нели, никогаш нема да стаса таму пред нас, дека некоја друга политичка гарнитура во Албанија исто така нема да стави вето за евентуалните лесно нарушливи меѓуетнички односи во земјата.

Дали некој помислува ако Србија и Косово, додека ние го браниме достоинство и гордоста, сепак најдат некое решение и стасаат пред нас во ЕУ, колку вета и условувања ќе стигнат од  таму, од нашите „најдобри“ комшии. Кога пред повеќе од 15 години пишувавме дека ќе стаса и бугарска фактура патриотите нѐ исмеваа.

Ете, драги мои, затоа 2026 ќе биде полоша од 2025, а  подобра од 2027 година. И така секоја наредна година, до распад на државата, кога наместо фактор на стабилноста во регионот не стане фактор на нестабилност. Едно време ја викаа „јаболко на раздорот“, или беше „буре барут“. Може некој и од тоа да направи убава вест како што беше при распадот на Југославија. Среќна Нова и Стара година за што уште има полемики кој е точниот датум.