Нова станица за мониторинг на квалитет на воздух во Гевгелија


Во Гевгелија денеска ќе биде пуштена во употреба нова станица за мониторинг на квалитет на воздух. 

Набавката на мониторинг станицата е реализрана во рамки на проектот „Развивање и имплементација на здравствен индекс за загадување на воздухот во прекуграничниот период“, финансиран од INTERREG IPA програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и – Република Северна Македонија 2014-2020.

Мониторинг станицата ќе биде дел од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, со кој управува Министерството за животна средина и просторно планирање.

Како што е најавено, ќе се обратат министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир и градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.

Според Делегацијата на ЕУ во Скопје, преку Инструментот за предпристапна помош, ЕУ обезбедува постојана поддршка за имплементација на директивите на ЕУ за квалитет на воздухот. Вкупно 12 милиони евра се планирани за повеќе активности во 2021 година што дополнително ќе и помогнат на земјата да обезбеди почист воздух за своите граѓани.