Нова книга за културната дипломатија од Васко Шутаров


Книгата „Културната дипломатија на СФРЈ и културните дипломатии на државите-наследнички“ од д-р Васко Шутаров ќе биде промовирана во утре, 9 октомври, во Гевгелија.

„Книгата е резултат на едно подолго научно истражување и докторска дисертација, но и личен интерес на авторот за пронаоѓање одговори на бројни прашања од времето на распаѓањето на поранешна СФРЈ и создавањето нови држави-наследнички. Книгата во најголем дел содржи научни истражувања поврзани со културолошките маркери на зближување но и разијдување на културите на поранешните југословенски републики и покраини, како и актуелните состојби на културолошки план помеѓу новосоздадените држави. Книгата не претендира на една и единствена причина за распадот на Југославија (а ги третира скоро сите најважни), но пледира на исклучително важното влијание што културата го имаше во тие процеси. И од аспект на таквата културолошка опсервација на распадот, оваа книга е една од ретките во научната мисла во државите произлезени од поранешна Југославија“, се вели во најавата.

Ова е второ пообемно дело на Шутаров, посветено на културната дипломатија. Неговата прва книга за „Јавната и културната дипломатија“ освен во нашата земја, беше преведена и издадена и во Р. Бугарија, а автор е и на 20-на меѓународни научни трудови кои ја третираат оваа област од меѓународната политика.

Д-р Васко Шутаров е поранешен пратеник и дипломат, кој и во двете функции активно работеше на план на културата, креирањето на културни политики и културна дипломатија.

Промотори на книгата ќе бидат професорите од Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, проф.д-р Јован Ананиев и проф.д-р. Јадранка Денкова.