„Нова газета“, последниот голем независен медиум во Русија, престанува да излегува
Откако доби уште едно предупредување од рускиот медиумски регулатор Роскомнадзор дека не означи невладина организација како странски агент, „Нова газета“ реши да престане со работа, изјави Дмитриј Муратов, главен уредник на „Нова газета“ и добитник на Нобеловата награда за мир.
„Нова газета“ нема да излегува ниту нејзиниот сајт ќе се обновува сѐ до крајот на војната во Украина.
Така, последниот голем независен медиум во Русија престана да излегува.
На 24 февруари, кога започна руската инвазија на Украина, Муратов изјави дека неговите колеги и тој „жалат“ за инвазијата на неговата земја.
„Како што жалиме, така и се срамиме“, рече тогашн уредникот на „Нова газета“, еден од ретките преостанати независни весници во Русија.
Тој го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека „игра со нуклеарно копче како да е привезок за скап автомобил“ и праша „Што е следно – нуклеарна војна?
Не гледам друго толкување на зборовите на Владимир Путин за „оружјето за одмазда“.
Муратов ја доби Нобеловата награда во 2021 година, како признание за неговата борба за слобода на говорот во Русија.
„Следниот број на „Нова газета“ ќе го отпечатиме на руски и на украински, бидејќи не ја сметаме Украина за наш непријател, а украинскиот јазик за јазик на непријателот, и никогаш нема да го направиме тоа“, изјави тогаш Муратов.
Русија неодамна усвои закон за цензура, со кој се криминализира она што Москва го смета за ширење лажни информации за руските вооружени сили и се заканува со казна затвор до 15 години доколку тоа се утврди.
Неколку независни руски медиуми беа принудени да затворат откако ја опишаа она што Кремљ ја нарече „специјална воена операција“ во Украина како „инвазија“ или „војна“.
Путин потпиша и закон со кој ќе се казнат со парична казна или затвор оние кои бараат санкции против Русија.
На денот кога Путин го потпиша законот, на 4 март, „Нова газета“ објави дека ќе ги отстрани сите написи за војната во Украина, бидејќи тоа е неопходно според новиот руски закон.
„Почитувани пријатели, воената цензура во Русија се префрли на користење на закана за кривично гонење на новинари и граѓани кои шират информации за воени дејствија што се разликуваат од изјавите на Министерството за одбрана. Затоа ги отстрануваме материјалите на оваа тема“, напиша „Нова газета“ на својот Твитер профил.