Нова драма во Судскиот совет, кандидатка за член се повлече пред гласањето
Судскиот совет денеска не ѝ дозволи на судијката од Врховниот суд Цветанка Периќ да се повлече од изборите за членови на Судскиот совет што ќе се одржат на 6 јуни, иако таа на 30 мај поднела известување дека се повлекува од изборната трка од здравствени причини.
Во четврток судиите ќе гласаат за два нови члена на Судскиот совет, еден од редовите на врховните судии и еден од апелациското подрачје Битола, при што на избирачките ливчиња од редот на врховните судии се кандидатите Цветанка Периќ и Исамедин Лимани, а од битолското апелациско подрачје се судиите Александар Камбовски, Татјана Сусулеска и Александра Поп Стефанија.
Членовите на Судскиот совет барањето на судијката Периќ го оценија како несериозно со коментар дека врховен судија не може да се откаже од изборната трка кога и гласачките ливчиња се веќе отпечатени. Дел од судиите изразија сомнеж во веродостојноста на причината заради која Периќ навела дека се повлекува од изборите и јавно прашаа дали можеби се работи за притисоци или за трговија со влијание. Членовите на Судскиот совет го ставија под прашалник и тоа Периќ воопшто да врши судиска функција бидејќи, како што рекоа, ако од здравствени причини не може да биде член на Судскиот совет, како може да биде врховен судија?
Членот на Советот Антоанета Димовска рече дека е многу непријатно изненадена од откажувањето на кандидатката.
– Ова е во фаза кога сме пред изборите, целата постапка е завршена. Судскиот совет нема друго дејствие за преземање, сите дејствија се преземени. Не знам какви здравствени причини се во прашање, но, се работи за судија во Врховен суд, а треба да си здрав и за во Врховниот суд – рече Димовска.
Членот на Советот Селим Адеми истакна дека ова е ситуација која не е предвидена во Законот за Судскиот совет и дека ќе треба да се уреди.
– Советот не може во оваа фаза да интервенира и да ја смени кандидатската листа. Не знам врз која основа можеле да ја прекинеме постапаката за избор, но тоа значи дека ќе треба да донесеме нова одлука, па да се утврдува друга кандидатска листа, па пак проверки во избирачкиот список, нов датум за избори итн. Не, оваа фаза е завршена, имаме листа, имаме материјали и треба да донесеме заклучок дека во овој момент не може да прифатиме повлекување на кандидатура – рече Адеми.
Тања Чачарова-Илиевска рече дека во оваа фаза Периќ не може да се изземе од изборите, а ако биде избрана за член на Судскиот совет, нејзино право е како ќе одлучи понатаму. Миљазим Мустафа потсети дека ова не е прв пат со ваква ситуација, односно, на изборите во 2020 година кандидат се повлекол два дена пред изборите, но сепак, учествувал на изборите и добил гласови. Судијата Сашко Георгиев предложи со законски измени да се утврди во која фаза од изборите најдоцна може да се повлече кандидат.Судијата Ивица Николовски,пак, рече дека за него не постојат оправдани причини за повлекувањето.
– Со ова известување за здравствени причини, а непоткрепено со ниеден доказ, нема услови во оваа фаза да се повлече кандидатот. Ние како Судски совет во иднина треба да ги испитаме овие наводи. Ако се работи за сериозни здравствени пречки, треба да поставиме прашање, ако не може да биде член на Советот од здравствени пречки, дали може да ја врши судиската должност. А ако не се докажани овие причини, да поставиме други прашања, дали се можни влијанија или притисоци. Се работи за судија од Врховен суд со позитивни резултати во вршењето на судиската должност. Ваквото невообичаено однесување треба да се испита – потенцираше Николовски.
Претседателката Весна Дамева рече дека кај неа постои сомнеж со кој е доведена во прашање самостојноста и независноста на судиската функција, но додаде дека не би елаборирала понатаму.
– Едно прашање ќе го начнам. Добро да размислиме дали при донесување на судиски одлуки, имало предомислување по донесената одлука. Еднаш изнесен став, во насока на заштитување на личниот интегритет, треба да остане до крај – рече Дамева.