Нов удар за светскиот пазар на храна, Индија стави рампа за извозот на ориз


 

Денеска Индија нареди забрана за извоз на значителен дел од нејзиниот најважен извозен производ – оризот, што приближно ќе ги преполови испораките на тоа жито од Индија, која е најголем светски извозник.

Ова предизвика страв од натамошна нестабилност на светските пазари за храна, пренесува Ројтерс.

Владата во Делхи соопшти дека воведе забрана за извоз на бел ориз, освен басмати, откако малопродажните цени на житото се зголемија за три отсто за еден месец, бидејќи доцните, но обилните монсунски дождови направија хаос врз посевите.

Индија сочинува повеќе од 40 отсто од светскиот извоз на ориз, а ниските залихи од други извозници значат какво било намалување на залихите може да ги „надува“ цените на храната, кои веќе беа поттикнати од војната во Украина и нестабилното време.

– Со цел да обезбеди соодветна достапност на бел ориз, кој не е басмати, на индискиот пазар и да го ублажи растот на домашните цени, владата на Индија ја промени извозната политика – соопшти индиското Министерство за храна и наведе дека во последните 12 месеци има зголемување на малопродажната цена од 11,5 отсто.

Оваа категорија, бел и скршен ориз, сочинуваше околу 10 од вкупно 22 милиони тони извоз на ориз од Индија минатата година.

Индиската влада подоцна прецизираше дека варениот ориз, кој сочинуваше 7,4 милиони тони извоз во 2022 година, не е вклучен во забраната.

Овој потег ја покажува чувствителноста на владата на премиерот Нарендра Моди за зголемување на цените на храната пред општите избори следната година.

Неговата администрација, исто така, ја продолжи забраната за извоз на пченица, откако веќе ги ограничи пратките на ориз во септември 2022 година, како и извозот на шеќер оваа година, бидејќи приносот на трска е намален.

– Индија би го нарушила светскиот пазар на ориз многу побрзо отколку војната во Украина на пазарот на пченица – изјави Кришна Рао, претседател на Здружението на извозници на ориз.

Оризот е основна храна за повеќе од три милијарди луѓе, а речиси 90 отсто од земјоделските култури кои бараат вода се произведуваат во Азија.