Нов руски стратешки документ: Против Западот; клучни партнери Индија и Кина


Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша нов руски стратешки документ чија цел е ограничување на „западната доминација“. Во документот се наведени Кина и Индија како клучни партнери за иднината на Русија.

Како што пренесува АФП, новиот стратешки документ го зацементира длабокиот јаз меѓу Москва и Западот во стилот на Студената војна, кој драстично се продлабочи по руската инвазија на Украина, пренесува Индекс.

„Приоритет на Руската Федерација е елиминирање на остатоците од доминацијата на САД и другите непријателски земји во светската политика“, се наведува во стратешкиот документ што денеска го потпиша Владимир Путин.

Терминот „непријателски земји“ Русија го користи за да ги опише земјите, пред се во Европа и Северна Америка, кои ја осудија руската инвазија на Украина и воведоа санкции кон Москва.

Во документот од 42 страници објавен на официјалната веб-страница на Кремљ се наведува дека Русија планира „да создаде услови секоја држава да ги отфрли неоколонијалистичките и хегемонистичките цели“.

Најавувајќи го потпишувањето на документот на седница на рускиот совет за безбедност, Путин рече дека ажурирањето на руската стратегија за глобалната сцена е „неопходно поради радикалните промени во светот“.

Оваа стратегија, според АФП, го одразува се поизразениот антизападен став на Путин поради санкциите и западната воена помош за Украина. Ваквиот став беше многу забележлив за време на говорот на Путин за состојбата на нацијата одржан минатиот месец.

За потсетување, поради нападот врз Украина, Русија е се поизолирана на глобалната надворешнополитичка сцена и се обидува да ги зајакне своите политички и економски врски со африканските и азиските земји, како Кина и Индија, кои зазедоа понеутрален став кон руската инвазија.

Во новата стратегија Русија ги издвојува врските со Кина и Индија и ја нагласува важноста од „продлабочување на врските и координацијата со пријателските суверени глобални центри на моќ и развој лоцирани на евроазискиот континент“.

Путин неодамна одржа состанок со кинескиот претседател Си Џинпинг во Москва и изрази пофални зборови за односите меѓу Русија и Кина. Имено, Москва го зголеми извозот на енергетски производи во Кина и Индија откако речиси целосно беше отсечена од европските пазари поради санкциите што ги воведе Западот.

Во документот Русија е опишана како „цивилизациска држава“ чија задача е „да го брани рускиот свет“, кој пак е опишан како „поврзани култури на евроазискиот континент“.

Концептот на „рускиот свет“ го користи Кремљ за да ја оправда инвазијата на Украина. Тој тврди дека со војната во Украина, руската армија го брани украинското малцинство што зборува руски.

Во стратегијата се наведува и дека Русија ќе ги брани „традиционалните духовни и морални вредности“ од „псевдохуманистичките и другите неолиберални идеолошки позиции“. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров рече дека новиот документ ја препознава егзистенцијалната природа на безбедноста и развојот на нивната земја, поттикната од акциите на непријателските држави.

„Соединетите Американски Држави директно се именувани како главен поттикнувач на антируските чувства“, рече Лавров и додаде: „Политиката на Западот е да ја ослабне Русија на секој можен начин. Тоа е нов тип на хибридна војна“.