Нов часовник „Армани“: Италијанска естетика, швајцарска прецизност
Италија- Џорџо Армани планира лансирање на фини часовници во соработка со луксузниот швајцарски производител на часовници Parmigiani Fleurier. Ова е прв ваков проект за дизајнерот.
Првите модели ќе бидат достапни од ноември 2021 година само во избрани бутици Армани низ целиот свет.
Часовниците ќе бидат изработени целосно рачно и ќе бидат понудени во нумерирани изданија.
„Соработката со Parmigiani Fleurier се случи природно“, рече Армани. „Ние ја делиме страста за совршенство и потрагата по убавина како израз на безвременските вредности. Оваа серија часовници е синтеза на мојата визија, составена од прецизни линии и извонредни материјали, применети на уникатни производи. Мислам дека предметот што изразува естетска совршеност, квалитет и изработка е наменет да трае вечно. Во Parmigiani Fleurie, најдов совршен партнер за експериментирање со нов јазик “.
Parmigiani Fleurier е основана од Мишел Пармиџани во 1996 година.
„Идејата за стил на Џорџо Армани е уникатна и иконска. Чест ни е што нашите занаетчии ќе можат да ја изразат оваа визија преку производ со квалитет по кои сме познати “, велат од швајцарската компанија.
Минатата година Армани лансираше колекција на луксузен накит, која беше претставена во Милано.
Дизајнерските часовници „Емпорио Армани“ се произведуваат според договор за лиценцирање со Fossil Group Inc. од 1997 година.