Нотр Дам да нè освести за односот спрема нашето културно наследство


Пустошот што го остави големиот пожар во париската катедрала Нотр Дам предизвика загриженост кај целата светска јавност. Ова не нè одмина ниту нас, особено што заштитата на нашето културно наследство со години е на маргините. И катастрофите не ни се непознати, бидејќи имавме два големи пожари во манастирите Трескавец и Бигорски,  со години само на дискусија е оставена и состојбата со црквата Св. Ѓорѓи од Курбиново, итн. Професорката и претседателка на Центарот за заштита на културното наследство, Донка Барџиева-Трајковска, вели дека со ваквите ситуации како пожарот во Нотр Дам природно е да се постави прашањето и за нашиот однос и грижа спрема сопственото културно наследство.

-Пожарот што ја зафати катедралата Нотр Дам во Париз и предизвика трајни оштетувања направи огромна загуба за светското наследство, не само поради фактот дека црквата е впишана во листата на светското културно наследство. Со оштетувањата и трајната загуба на ваков тип потврдени вредности губиме сите, затоа што е загубен еден дел од врвните сведоштва за создадените високи вредности кои се од значење за човештвото во целина. Во вакви ситуации, сосема природно се поставува прашањето за нашиот однос и грижа спрема сопственото културно наследство – вели Барџиева-Трајковска.

Французите како да имаа впечаток дека на катедрала како Нотр Дам не може ништо да ѝ се случи. Но, по пожарот како да се освестија што изгубија и колку поголема катастрофата можеше да биде… Впечатокот е дека кај нас надлежните институции се анемични и не преземаат доволно околу заштитата на недвижните културни наследства?

– Не би се согласила со една ваква изјава. Напротив, сигурна сум дека Французите се грижеле и ја одржувале црквата, како што се грижат и за другото културно наследство што го поседуваат. Катастрофата што се случи е голема, но француските специјалисти за заштита и конзервација поседуваат и знаење и релевантна документација за изгледот, материјалите, техниката и стариот конструктивен систем на катедралата за да можат да извршат реконструкција на автентичниот изглед. Воопшто немам сомнеж дека катедралата ќе биде реконструирана со истиот материјал и техника со која била првобитно изградена. Впрочем, на нивните експерти им е позната историјата на градење на катедралите кои по неколку пати се рушеле/паѓале во самиот процес на градба. Што се однесува до вториот дел од прашањето, за жал, мора да се согласам со вас дека кај нас надлежните институции не ги исполнуваат законските обврски и не покажуваат доволен интерес за подобрување на состојбата на културното наследство. Нашите институции не поседуваат детална документација за изгледот, материјалите и техниката на градење. Уште помалку го познаваат автентичниот конструктивен систем.

Во минатото и ние имавме примери на слични катастрофи, пожарот во манастирите Трескавец, Бигорски… Ова треба да ни биде аларм дека повторно може нешто да се случи. На какво ниво е свеста, но и подготвеноста на надлежните превентивно да се дејствува?

– Пожарите во Трескавец и во Бигорски отворија низа прашања кои до денес не се затворени од надлежните институции, особено од страна на Управата за заштита, која има најголеми законски овластувања, а со тоа и најголема одговорност. Ова особено се однесува на прашањата со обезбедувањето на културното наследство во вонредни услови, бидејќи токму Управата е овластена да го координира донесувањето на безбедносните планови, да пропишува мерки и да врши контрола на нивното спроведување (член 102, став 2). Во однос на обновата, и на Бигорскиот манастир и на Трескавец, не се применети меѓународните конвенции кои под реставрација/реконструкција подразбираат реставрација во автентична техника и форма. Во Бигорски е направена реплика на формата во нов материјал, а во Трескавец сосема нови конаци. Всушност, ваквиот начин на реконструкција само на „форма“, а не и во материјал и техника, претставува препознатливо обележје на нашиот пристап во „заштитата и конзервацијата“ како негативна практика која мора да се напушти.

Периодично се актуализираат прашања како да се заштити црквата Св. Ѓорѓи од Курбиново, скопскиот Акведукт, но и други недвижни културни наследства. Зошто ова никако не испливува меѓу приоритетите на институциите?

-Не може да се говори за приоритети без законски пропишани услови за нивно обезбедување. Во постојната законска регулатива не постои обврска за континуирано следење на состојбата на културното наследство како база за утврдување на приоритети во планирањето и финансирањето на конзервацијата. Во новиот закон за заштита на културното наследство кој е во завршна фаза, детално го обработуваме токму ова прашање. Имено, воведуваме посебни членови за задолжително следење на состојбата и програмирањето. Воведуваме листа на приоритетни споменици за конзервација, како база за реално димензионирање на програмите  и буџетот, со што конечно ќе се елиминира досегашниот волунтаризам во програмирањето и финансирањето на активностите во заштитата.

Се формираше и работна група од Министерството за култура која требаше да ги попише и рангира културните наследства кај нас. Зошто процесот стагнира?

-Работната група  формирана од страна на министерот за култура е задолжена за изработка на Листа на културно наследство од национално значење која е составен дел на новиот Закон за заштита. Завршен е еден дел од листата на недвижно културно наследство (239 недвижни споменици и три музејски збирки). Оваа работна група треба да продолжи со работа и да бидат формирани уште неколку други за движно и нематеријално/духовно наследство. Работата прекина со нашето заминување од советничките функции во Министерството. Очекувам министерот за култура да овозможи услови за завршување на работите и да донесе решение за формирање на новите работни групи, бидејќи новиот Закон за заштита и Листата претставуваат дел од започнатите реформи во културата.

Ивана Настеска