Норвешкиот научник кој ја поврза „Астра Зенека“ со крвните згрутчувања работел за „Фајзер“


Норвешкиот научник Пал Андре Холме, кој го предводеше истражувањето за нуспојавите на вакцината против ковид-19 на „Астра Зенека“, од компанијата „Фајзер“ во последните пет години примил околу еден милион норвешки круни (околу 100 000 евра).

Тој и неговиот тим се прославија по утврдувањето на врската меѓу вакцината на „Астра Зенека“ и појавувањето тромбови. Но, она што ја разбранува норвешката јавност е што Холме во извештајот не споменува дека имал директна соработка со конкуренцијата на „Астра Зенека“.

Холме признава дека требало да биде потранспарентен во однос на финансирањето, но отфрла судир на интереси и тврди дека парите што ги добил биле наменети за предавања на меѓународни и домашни конгреси, обуки и за патни трошоци.

Пал Андре Холме е главен лекар на Одделот за крвни болести на Универзитетската болница во Осло и професор на Универзитетот во Осло. Тој ја предводеше клиничката студија во која е утврдено дека смртните случаи од згрутчување на крвта кај тројца здравствени работници во Норвешка е поради вакцината на „Астра Зенека“.

Како што појаснуваат норвешките медиуми, научниците што објавуваат студии во реномирани магазини како медицинското специјализирано списание, „Њу Ингланд“ (НЕЈМ) мора да следат одредени етички правила. Едно од тие правила е да ги наведат сите партнери што ги имале и може да бидат релевантни за студијата и сите финансиски примања што ги добиле и може да остават впечаток за конфликт на интерес.

Во тој документ Холме одговорил негативно на прашањето дали примил пари од релевантни компании во последните 36 месеци, а негативно одговорил и на прашањето дали има некакви врски кои би можеле да предизвикаат сомнеж за судир на интереси.