Нобеловката Наргес Мохамади уапсена во Иран
Мохамади е „насилно“ приведена заедно со други активисти на комеморативниот настан во Машхад, вели нејзината фондација
Постојат стравувања за здравјето на добитничката на Нобеловата награда за мир за 2023 година, Наргес Мохамади, откако беше приведена од иранските безбедносни сили на комеморативната церемонија за адвокат за човекови права во источниот град Машхад.
53-годишната Мохамади, која доби привремено отсуство од затвор од медицински причини во декември 2024 година, беше пак приведена заедно со неколку други активисти на комеморацијата за Хосро Аликорди, кој беше пронајден мртов во неговата канцеларија минатата недела.
Братот на Мохамади, Мехди, кој беше присутен на церемонијата, го потврди нејзиното апсење, соопшти нејзината фондација.
Службеници во иранската покраина Разави Хорасан изјавија дека Аликорди доживеал срцев удар, но заострените безбедносни мерки што се совпаднаа со неговата смрт покренаа прашања за нејзините околности. Повеќе од 80 адвокати потпишаа изјава во која бараат повеќе информации.
„Аликорди беше истакната личност меѓу иранската заедница на бранители на човекови права“, соопшти во четврток Центарот за човекови права во Иран со седиште во Њујорк. „Во текот на изминатите неколку години, тој постојано беше апсен, малтретиран и имаше закани од безбедносните и судските сили“.
Членовите на семејството на Мохамади рекоа дека безбедносните и полициските сили користеле солзавец и насилство за да ги растераат луѓето што се собрале за комеморацијата на Аликорди. Зборувајќи од Париз, сопругот на Мохамади, Таги Рахмани, изјави за „Гардијан“ дека е загрижен не само за својата сопруга, туку и за другите активисти за човекови права уапсени во исто време.

Рахмани го опиша апсењето како дел од ескалацијата на стратегијата на иранските власти за потиснување на неистомислениците. „Ова е насочен напад врз демократијата и правото на слобода на изразување“, рече тој.
Децата на Мохамади, Али и Кијана, рекоа дека се загрижени и за нивната мајка и другите активисти. „Таа имаше операција пред само една година, а многу други уапсени исто така се борат со медицински состојби“, изјави Али. „Таа беше уапсена пред два часа и сè уште не знаеме каде е мајка ми.
Снимките од комеморативната церемонија ја прикажуваат Мохамади како стои пред микрофон, повикувајќи ја толпата и почнувајќи скандирање во име на Маџидреза Рахнавард, која јавно беше обесена од иранските власти во 2022 година.
Хасан Хосеини, градскиот гувернер на Машхад, рече дека обвинителите им наложиле на безбедносните службеници привремено да ги притворат некои учесници на церемонијата поради скандирање слогани „кои ги кршат нормите“, објави иранската државна телевизија. Хосеини ги опиша притворањата како превентивни за да ги заштити оние што се таму од другите во толпата.
Пред нејзиното ослободување минатиот декември, Мохамади беше затворена од ноември 2021 година за пресуди поврзани со нејзината кампања против смртната казна и обврската жените во Иран да носат хиџаб.
Нејзините поддржувачи велат дека таа доживеала повеќе срцеви удари во затвор пред да се подложи на итна операција во 2022 година. (АП, АФП)