„Њујорк тајмс“: Кина ја замолила Русија нападот на Украина да биде по завршувањето на Олимпијадата
Кина ја замоли Русија да не ја нападне Украина додека не завршат Зимските олимписки игри во 2022 година, откривајќи дека кинеските власти имале одредени сознанија за плановите на Путин за инвазија на Украина, објави „Њујорк тајмс“. Еве што пишува „Њујорк тајмс“:
„Во извештајот на западното разузнавање се вели дека високи кинески функционери на почетокот на февруари им рекле на високи руски претставници да не ја напаѓаат Украина пред да завршат Зимските олимписки игри во Пекинг, според високи претставници на администрацијата на Бајден и европски функционер.
Извештајот укажува дека високи кинески функционери имале одредено ниво на знаење за воените планови или намери на Русија пред да започне инвазијата минатата недела. Рускиот претседател Владимир Путин се сретна со претседателот на Кина Ши Џинпинг во Пекинг на 4 февруари пред церемонијата на отворање на Олимпијадата. Москва и Пекинг во тоа време издадоа соопштение од 5.000 зборови во која изјавија дека нивното партнерство ‘нема граници’, осудувајќи го проширувањето на НАТО и тврдејќи дека ќе воспостават нов глобален поредок со вистинска ‘демократија’.
Разузнавачките податоци за размената меѓу кинеските и руските официјални лица беа доверливи. Тие беа собрани од западна разузнавачка служба и се сметаа за веродостојни од официјалните лица кои ги прегледаа. Високи функционери во Соединетите Држави и сојузничките влади си ги размениле додека разговарале кога Путин би можел да ја нападне Украина“.