„Њујорк тајмс“: Една милијарда долари за ремонт на претседателскиот авион

Вашингтон – САД одвоија речиси една милијарда долари од буџетот наменет за модернизација на нуклеарниот арсенал, со цел да го финансираат ремонтот на претседателскиот авион Боинг 747-8, познат како „Ер Форс Уан“, пишува денес „Њујорк тајмс“ (NYT).
Според весникот, точната цена за ремонтот на авионот засега е доверлива.
„Официјално, трошоците за ремонтот се доверливи… Никој не сака да коментира за мистериозниот трансфер од 934 милиони долари од еден од најдобро финансираните проекти на Пентагон кои излегоа од контрола – модернизацијата на застарените американски нуклеарни ракети на копно. Таа сума речиси сигурно вклучува реконструкција на нов претседателски авион“, пишува „Њујорк тајмс“.
Според весникот „Њујорк дејли“, извори од воздухопловните сили на САД неофицијално потврдија дека парите за реновирање на авионот се повлечени од средствата наменети за програмата „Сентинел“, која се однесува на замена и модернизација на копнени системи за лансирање нуклеарни боеви глави.
„Не е јасно дали целата сума ќе се искористи за целосно расклопување на авионот до трупот, но извори од воздухопловните сили признаваат дека користат средства од нуклеарната програма за реализација на овој сложен проект“, се наведува во текстот….