Ниту една компанија не се откажала од солидарниот данок, некои ќе ѝ ја простат каматата на Владата
На владина седница во вторник ќе се дискутира за солидарниот данок. Има голем дел компании што се откажаа од затезната камата, а нема компании што се откажале од главниот долг, рече на денешната прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, одговарајќи на новинарско прашање.
– Во однос на солидарниoт данок, на последната владина седница, на зaтворена седница требаше да носиме одлука за повеќе информации, за износите, произнесувањето на одредени компании. Знаете дека податоците од Управата за јавни прихoди (УЈП) имаат третман на даночна тајна и не може да се дискутира на отворена седница на Влада. Но, имаше некои причини поради коишто таа седница се одложи за следниот вторник, кога точно ќе биде известена и Владата. Има голем дел од компаниите што се откажаа од затезната камата. Нема компании коишто се откажале од главниот долг. Значи, она што го уплатиле не се откажуваат, но има многу од нив коишто се откажуваат од каматата, рече министерката во во Медиа центарот во Владата.
Најголем дел од компаниите, како што рече, го прифатија нашиот предлог за отплата на две години, во март 2026 и 2027 година, но има и такви коишто не прифатија и понудија други услови за враќање на средствата.
– Сето тоа треба да помине на владина седница, да ја информираме Владата и потоа ќе информираме подетално. Од аспект имињата на компаниите, ќе треба уште еднаш да се провериме согласно закон, дали имаме можност да ги кажеме сите компании, која што побарала и како. Пак ќе кажам, има третман на даночна тајна, и мислам дека не би било коректно вака транспарентно да се каже кој се откажал, кој не се откажал од каматите итн., појасни Димитриеска-Кочоска.
Инаку, „Независен“ деновиве пишуваше дека солидарниот данок во износ од речиси 50 милиони евра, што го уплатија 156 компании пред две години, ќе се враќа во две годишни рати, првата во март идната година, а втората една година потоа. Тоа значи дека државата за оваа цел треба да обезбеди значајни средства во буџетите за идната и за 2027 година.
Оваа давачка беше воведена како еднократна, вонредна јавна давачка за 2023 година, а го уплатија компаниите кои во 2022 година оствариле вкупен приход поголем од 615 милиони денари (или околу 10 милиони евра). Според тогашното образложение, целта беше да се соберат средства за ублажување на последиците од кризата и да се придонесе за јавните расходи на солидарен начин.
Според оцената на Уставниот суд, законот ја повредил темелната вредност владеење на правото уредена со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и фундаменталните принципи на кои почива, како што е правната сигурност на субјектите во нивната правна положба, правната предвидливост и правната извесност во легитимните очекувања на субјектите во правото.
Исто така судот оцени дека со донесувањето на овој данок, компаниите биле ставени во нееднаква положба и дека законодавецот направил упад во уставно загарантирано право на сопственост, како и упад во слободата на пазарот и претприемништвото.
На истата тема:
Солидарниот данок ќе се враќа на две годишни рати, првата во март идната година, а втората во 2027