Ниту еден здравствен работник не одбил да се вакцинира


Во тек е масовна вакцинација на здравствените работници и персоналот вработен во болниците со МРП-вакцина. Станува збор за тие што ја немаат примено втората доза вакцина против мали сипаници. Здравствените установи имаат обврска да достават списоци до Министерството за здравство за медицинските лица кои ја примиле вакцината, но и за оние што одбиле да ја примат. Ако има персонал вработен во болниците кој не ја уважил наредбата на Министерството за здравство за вакцинација против мали сипаници, тогаш ќе се постапува според Законот за заштита на население од заразни болести. Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, д-р Ирина Бухова, вели дека досега ниту еден здравствен работник не одбил да се вакцинира.

„Во тек е масовна  вакцинација на медицински кадар. Има позитивен одѕив од страна на здравствените работници на повикот да се вакцинираат. Во текот на вчерашниот ден во ДСЗИ се добиваа податоци за термини за проверка на вакцинален статус или за закажани термини за вакцинација – кој втора, кој трета доза. До овој момент нема медицински кадар кој изјавил дека не сака и нема да прими вакцина, а доколку имаме таков случај, работник кој нема да покаже вакцинален статус или имунолошка состојба за стекнат имунитет – тогаш ќе се постапува според Законот за заштита на население од заразни болести“, вели директорката на ДСЗИ.

Од почетокот на епидемијата  досега, од морбили заболеа околу 300 здравствени работници. Само во струшката болница  се заразија 34 здравствени работници. Хируршкото одделение изминатата недела беше затворено, оти на хируршкиот одел и анестезија имало четиринаесет заболени, од нив деветмина заболеле пред десетина дена. Новозаболени сега нема и  состојбата се смирува, вели директорот на струшката болница, Реџеп Даути. Дел од персоналот веќе се вратил на работа, а уште тројца од заболените треба да се вратат следната недела. Одделението е ставено во функција,  од средата се извршуваат и закажаните операции.

„Донесена е одлука да се отвори хируршкото одделение, бидејќи нема новозаболени и критериумите да се почне со работа се исполнети. По заклучокот за отворање на одделението, го известивме Државниот санитарен и здравствен инспекторат. Од 28 мај веќе почнаа да се примаат пациентите кои дојдоа на преглед и  имаа  потреба од болничко лекување. Од средата лекарите почнаа да извршуваат операции. Поголемиот дел од деветтемина заболени се вратија на работа, само уште тројца треба да дојдат“, рече Даути.

Во меѓувреме речиси 300 родители се соочуваат со прекршочни пријави и плаќање на казни од 300 до 600 евра, оти не ги вакцинирале своите деца. Толку пријави доставиле од вакциналните пунктови до Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

„Пријавите се стигнати на име на дете, а треба да се на  име на родител, бидејќи ние не можеме да го казнуваме детето. Затоа пријавите се вратени во службите за да се дополнат со потребните технички податоци. Казните се од 300 до 600 вера, ама во основа се зема помалата сума од 300 евра, доколку ја платат во рок од осум дена. Од денот на поканата ќе треба да платат 150 евра, а доколку не се појават воопшто, следува прекршочна пријава  за на суд. Меѓутоа, и да ја платат родителите  казната, не се амнестирани од вакцинирањето на детето. Од друга страна, невакцинираните деца не се примаат во градинка“, додаде директорката на ДСЗИ.

Вероника Мароска-Леова