Николовски: УСС на УКИМ не е против здруженија на студенти, отворени сме за дискусија

Универзитетското студентско собрание на Скопскиот универзитет (УСС на УКИМ) не е против нови здруженија и организации на студенти и ќе ги повика на дискусија за сите предизвици со кои се соочуваат студентите, изјави претседателот на УСС на УКИМ Александар Николовски прашан за став во врска со појавата на нови студентски иницијативи по трагедијата во Кочани, како „Студентски сојуз“ и „Студентски пленум“.
Нагласувајќи дека УСС на УКИМ „работи секогаш за интересите на студентите“, Николовски на новинарско прашање одговори дека чекаат да видат „какви барања ќе произлезат од страна на тие здруженија и организации“ и дека се отворени за дискусија.
-Во моментов размислуваме за отворена трибина на која ќе ги повикаме сите страни за да дискутираме за сите предизвици коишто сметаат дека треба да се поправат и, секако, ние сме тука и кога се добри времиња и кога се случуваат вакви трагедии за заедно да менуваме работи во системот. Дополнително, УСС на УКИМ спроведе анкета до сите студенти преку која ќе се направи еден вид документ, што ќе биде манифест со барање до институциите за одредени промени согласно трагедијата во Кочани. Но ние, во ниту еден случај, не одиме против вакви здруженија затоа што тоа се студенти, а ние како легитимно избрани тела – УСС и факултетски собранија, сме тука за да дискутираме и заедно да ги решаваме проблемите, истакна Николовски.
Во врска со политички влијанија во студентските организации, нагласи дека партиски членови не треба да се на раководни функции на студентско организирање затоа што, рече, тогаш доаѓа до конфликт на интереси.
-Се трудиме да соработуваме со сите политички партии, сме соработувале и ќе продолжиме да соработуваме, но сметаме дека раководството на студентските организации не треба да биде под надлежност на партиски членови, рече Николовски.