Николовски ќе кастри од службени картички до непотребни институции


Вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски, не е загрижен од можниот судир со многуте функционери во државата на кои сака да им ги скрати привилегиите, па и да ги остави некои без дополнителна или редовна работа. Тоа што сите пред него што се зафатија со корупцијата изгореа, не го колеба и тој е решен да ја заврши задачата што му е доверена.

-Јас моето ќе го одработам. Ако изгорам, ќе изгорам. Ниту една земја што почнала пресметка со корупцијата не ја завршила. Дали ќе се судрам со некого е помалку важно  од тоа да се држам до принципите и човечките вредности, рече Николоски прашувајќи јавно: „Што ми фали мене што не трошам од службена картичка, што сите дневници три години гидонирав и што како министри на седницата во Струмица отидовме со комбе?

Со ваквиот личен пример тој најавува системско ревидирање, регулирање  и унифицирање на бенефициите што ги носат јавните функции, од разните надоместоци, дискреционите права за користење на платежни картички, купувањето и користењето службени возила, дневниците за членство во одбори, патните трошоци , трошењето за службени ручеци по рестораните, трошење на државни пари за забави и за луксузирање при патувања во странство, вработувањата во државната администрација преку роднински врски, мултиплицирањето на разни институции кои не знаат зошто постојат и слично.

-Ако го читате извештајот на Државниот завод  за ревизија за „Јасен“ ќе ве заболи главата, посочи Николовски пример, нагласувајќи дека тој стигнал дури сега, иако се однесува на состојбата пред три години.

Неговите први искуства од скенирањето на состојбата не се нови, но сега се официјални: Не постои воопшто регулатива во државата за бенифициите и ограничувањата при вршењето на функцијата. Па, така, секој министер има дискреционо право самиот да реши колкав ќе биде лимитот на неговата службена картичка, од 20.000 па до 50.000. Некои функционери ваделе кеш, некои трошеле државни пари за забави, за вратоврски, за одела, споменувајќи го Ванчо Костадинов, заменик министер во времето на ВМРО-ДПМНЕ.Директори на јавни институции, според него, имаат плати поголеми од таа на премиерот, до 180.000 денари,  а можат да се укинат или да не постојат, при што Николовски ги спомна „Агроберза“, „Економија Идризово“…Во некои јавни претпријатија раководители се тепале за учество во платени комисии  од кои нема потреба, како Комисијата  за рецензија на планови за лов.Министри сами решавале и делеле проекти од стотици илјади евра, а нема контрола ни на вработувањата во државните институции, каде што само во образованието имало десетина агенции.

-Системот на вредности е изместен. Ова станало матрица на функционирање, оцени Николовски најавувајќи дека прва задача ќе биде тие состојби да се изанализираат, да се утврди какви законски решенија се потребни и да се создаде системско решение кое ќе биде унифицирано за сите нивоа во државната управа.

-Ќе видиме исто така како ќе ги регулираме управните и надзорни одбори. Има скриени набавки во јавните претпријатија, кои трошат државни пари а немаат ни веб страница.  На неа мора да ги има сите членови на надзорните  и управните одбори, рече Николоски.

Тој потврди дека ќе има ревизија и на инспекциските служби, чиј број ќе се намали, а тие ќе бидат независни и ќе бидат регионални, за да се намали локалното влијание врз нив, нагласувајќи дека не смее веќе да се случува инспектори со досиеја на компании да одат и да ги уценуваат, место да ги казнуваат. Според него, најпрво ќе мора да се средат институциите кои  треба всушност да се борат против криминалот и корупцијата. Притоа нагласи дека е небулозно да имаме едно тело како Државната комисија за корупција,  а таа да не е воопшто поврзана со другите институции и да не може да функционера целосно. Тој најави дека ќе се зајакнуваат капацитетите на ДКСК и  на Државниот завод за ревизија и дека во понеделник ќе има состанок во втората институција за да слуќне кои се нивните потреби, а таква средба веќе имал со ДКСК.

Тој рече дека Владата има меѓународна поддрќка за оваа цел, а особено за јакнење на капацитетите на институциите и дефинирањето на нов закон за испитување на потеклото на имотот, бидејќи такво искуство немаме

-Нонсенс е, па и неморално и неетички,  што директори на јавни претпријатија  кои се во долгови зголемуваат цени на јавни услуги за да ги покријат, а сите возат автомобили на грбот на граѓаните, рече Николовски.

-Моја обврска е да ставам ред. Секоја можност што сум ја добил досега вродила со резултат, порача Николоски околу дилемите дали и овие најави нема да пропаднат под силниот удар на коруптивната реалност.

Според него, државата нема веќе можност и време да чека.

-На оваа генерација треба да и се покаже решителност и одлучност дека сме спремни во овие четири години да ги промениме работите дома, од начинот на размислување, од менталитетот, дека не треба се да биде преку врски и протекции, туку на граѓаните да им овозможиме по регуларен пат низ институциите, без главоболки да си ги остварат свите права, рече Николовски.

Очекува во неговиот кабинет да дојдат луѓе кои имаат доверба во државата, кои ќе остават работа во странство од три-четири илјади евра за да помогнат во спречувањето на корупцијата, а со тоа и спречување на иселувањето од нашата земја.

-Извештаите на Државниот завод за ревизија ќе бидат дел од патоказите за она што треба да се корегира, во кадровски и раководен аспект но пред се да се почитуваат препораките за отстранување на забелешките, истакна меѓу другото Николовски.

Вицепремиерот потенцираше дека државната функција е привилегија, но и должност. Тој порача дека никој не е и не смее да биде над законот, и мора да постои ред и истиот да се почитува со одговорност од оној кој сторил казниво дело.(С.Ј.)