Николоски: Заев и Османи кочеа за да бидеме со Албанија


Влегувањето на Македонија во иста група со Албанија, сепак, не било „научна фантастика“, оцени потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски по „кавгата“ меѓу претседателите Стево Пендаровски и Еди Рама.

„Македонија втора година со ред не добива датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. Тоа е тажната вистина. Директна последица на катастрофалното ниско ниво на реформи, корупцијата, економското назадување и немање на владеење на правото, резултат на неработата на Заев. Немањето датум за почеток на преговори е и последица на најголемата грешка на македонската дипломатија, а тоа е Македонија да се стави во иста група со Албанија. Минатата година уште на почетокот на април ја информирав македонската јавност дека постои договор помеѓу Владите на Заев и Еди Рама – операционализиран преку Бујар Османи и тогашниот министер за надворешни работи на Албанија, Дитмир Бушати, кој имаше за цел да се создаде група Македонија – Албанија. Дел од договорот беше да забави со реформите со цел покрај Албанија и Македонија да не добие датум за преговори во 2018! Македонија и покрај тоа што Заев и Димитров решија да го потпишат срамниот Преспански договор, не доби датум и не почна преговори во 2018! Еве не доби датум и овој јуни и нема да почне преговори и во 2019“, смета Николоски.

Спорд него, денешната кавга помеѓу Стево Пендаровски од една страна и Еди Рама и Дитмир Бушати од друга страна само потврдува колку бил во право пред година и пол и колку сето било вистина.

„Пендаровски е прв од власта на Заев кој индиректно собра храброст да признае дека групата на Македонија со Албанија ја влече државата назад. Кога тоа го кажа доби остар одговор од Рама и Бушати. Не сум среќен што бев во право зашто две години никој не може да им ги врати на сите граѓани на Македонија“, нагласува Николоски.