И Струмица го добива својот „Лидл“: Поставен камен-темелникот на новиот маркет
Струмица е најновата клучна точка на инвестициската мапа на „Лидл“ (Lidl) во земјава. Со денешното поставување на камен-темелникот, компанијата официјално ја започна изградбата на новиот маркет, кој не само што ќе ја прошири продажната мрежа, туку ќе донесе и директен поттик за локалната економија. Оваа инвестиција е дел од стратешкиот развој на „Лидл“ во Македонија, насочен кон создавање нови работни места, поддршка на домашното производство и воспоставување на најсовремени малопродажни стандарди.
Пред присутните високи гости и претставници на локалната заедница, оперативниот директор на Лидл Северна Македонија, Рубријан Хаџиев, истакна дека овој проект е симбол на долгорочната посветеност на компанијата кон македонскиот пазар.
„Поставувањето на темелите во Струмица е важен чекор во реализацијата на нашата визија. Досега „Лидл“ инвестираше повеќе од 200 милиони евра во модерна логистичка и продажна инфраструктура, градејќи систем кој носи вредност за сите. Секој наш маркет е новa можност за работни места и мост локалните добавувачи до нашата широка мрежа. Горди сме што минатата година извозот на македонски производи преку „Лидл“ достигна 15,5 милиони евра, а со објекти како овој во Струмица, тие можности дополнително ќе растат“, изјави Хаџиев. Тој додаде дека Lidl останува посветен на воведување високи стандарди во малопродажбата, како и на инвестиции кои создаваат долгорочна вредност.
Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, посочи дека ваквите инвестиции се јасен сигнал за подобрената деловна клима и довербата на странските инвеститори.
„Доаѓањето на еден од наjголемите светски брендови во трговиjата како што е Лидл многу значи за државата, за економијата на државата и за бизнис климата. Станува збор за инвестиција вредна повеќе од 200 милиони евра, која ќе отвори нови можности за економски раст и отворање нови работни места. Знам дека „Лидл“ веќе извезува македонски производ и сакам да се заблагодарам за тоа. Убеден сум дека новиот маркет на „Лидл“ во Струмица ќе придонесе не само за поголем избор и поквалитетна понуда за потрошувачите, туку и за дополнителен пласман на македонските производи, особено на земјоделските производи од струмичкиот регион. Како Влада сме благодарни и ќе продолжиме да ги поддржуваме сите инвестиции кои придонесуваат за развојот и конкурентноста на македонската економија“, нагласи Николоски.
Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, изрази задоволство што светски бренд како „Лидл“ го препознава економскиот потенцијал и претприемачкиот дух на регионот.
„Овој маркет е голема придобивка за Струмица. Тој значи нови вработувања и нови партнерства за нашите локални компании. Нашата општина останува отворена за соработка и поддршка на проекти кои го унапредуваат квалитетот на животот. Верувам дека ова е почеток на едно успешно партнерство кое ќе донесе долгорочен просперитет за нашите сограѓани“, истакна Јанков.
Директорот за недвижности на „Лидл“ за Бугарија и Северна Македонија, Бисер Инчовски, нагласи дека компанијата при изградбата на своите објекти применува најсовремени стандарди за одржливо градење, истовремено создавајќи вредност и за домашната економија.
„Новиот маркет во Струмица се гради според највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност и одржливост, со примена на современи технолошки решенија кои придонесуваат за заштита на животната средина. Посебно внимание посветуваме и на уредувањето на просторот, па дури 20 проценти од парцелата ќе бидат озеленети. Истовремено, особено ни е драго што во реализацијата на овој проект како изведувачи се ангажирани исклучиво домашни компании. На тој начин, покрај создавањето современ малопродажен објект, директно придонесуваме и за развојот на локалната градежна индустрија и македонската економија“, изјави Инчовски.
Клучни факти и бројки за новиот маркет на Lidl во Струмица:
- Вкупна површина: 2 445 m²
- Малопродажен простор: 1 500 m²
- Паркинг места: 111 паркинг места за лесен пристап и удобност при купувањето.
- 20 % зеленило во рамките на парцелата
- Енергетска ефикасност: Објектот се гради според највисоките меѓународни стандарди за енергетска ефикасност и одржливост, со примена на современи технолошки решенија за заштита на животната средина.
Во подготовката за отворањето на маркети низ земјата Лидл Северна Македонија спроведува активна кампања за вработување на персонал во продажба и работа во логистичкиот центар. Заинтересираните кандидати може да аплицираат на jobs.lidl.mk
„Лидл“ досега има инвестирано повеќе од 200 милиони евра во развој на современа малопродажна и логистичка инфраструктура во земјава. Компанијата е дел од групацијата Schwarz Group, и е еден од водечките трговци со храна во Европа. Компанијата управува со околу 12 900 маркети во 31 држава, а вработува над 395 000 луѓе ширум светот.

Николоски: Со „Лидл“ македонските земјоделски производи добиваат извоз на европскиот пазар
Работењето на „Лидл“ во Македонија ќе значи мапирање на државата, подобрување на бизнис климата, но и нови искуства во малопродажбата. Најголем бенефит од инвестицијата на „Лидл“ ќе имаат домашните земјоделци, истакна денеска заменик претседателот на Владата, Александар Николоски, на поставувањето камен темелник на новиот маркет на „Лидл“ во Струмица.
Додаде дека доаѓањето на „Лидл“ значи многу за државата и за целиот регион.
– Тоа многу значи за државата, за мапирање на државата, многу значи и за бизнис климата. И драго ми е што можеме да дадеме поддршка и да овозможиме да се реализираат инвестиции кои што се некаде околу 200 милиони евра планирани во државата, што е огромна работа. Ние се бориме за секоја инвестиција, за секое евро, за секое работно место, 200 милиони евра за економија како нашата, како македонската, е огромна работа и навистина сме благодарни на таа работа и сакаме максимално да ја поддржиме, подвлече Николоски.
Тој потенцира дека од оваа инвестиција најголем бенефит ќе имаат земјоделците, токму од Струмичко.
– Убеден сум дека „Лидл“ Македонија, но и пошироко, ќе ги препознае и најдобрите производи од Струмица и од Струмичко. Најубавите раноградинарски производи се произведуваат токму тука. И сум убеден дека бројни производи од Струмичкото поле ќе се најдат на трпезите на многу луѓе, не само во Македонија, туку и во целиот регион. Знам дека веќе „Лидл“ прави извоз и сакам да се заблагодарам за тоа. Многу значи за земјоделците, ова е земјоделски крај и ова е крај каде што се заработува со мака, со пот, се почнува да се работи многу рано наутро. И луѓето знаат да го ценат трудот и затоа сум благодарен што успевате да најдете пласман за нивните производи и сериозно да влијаете на подобрување на цената на производите, така што благодарам многу за таа работа, рече заменик претседателот Николоски.