Никнува нов парк во Карпош


Фото: Б. Грданоски

Градот Скопје започнува со реализација на проектот за изградба на нов мега-парк во општина Карпош, на површина од 72.000 квадратни метри, со што долгогодишно запуштениот простор, кој со години беше претворен во дива депонија, ќе биде целосно уреден и ставен во функција на граѓаните.

Проектот предвидува целосно хортикултурно уредување на просторот, изградба на парк за миленици, детски игралишта, спортски содржини, велосипедски полигон, поставување урбана опрема, пешачки патеки и други рекреативни и забавни содржини наменети за посетители од сите возрасти.

Со реализацијата на овој проект, просторот ќе прерасне во ново зелено јадро на градот, кое ќе придонесе за подобрување на квалитетот на живот, зголемување на зелените површини и создавање современ јавен простор за рекреација, спорт и дружење.

„Таму каде што со години имаше отпад и запуштеност, денес создаваме простор за живот. Овој проект е доказ дека со посветена работа и јасна визија, запоставените локации можат да се претворат во места кои ќе бидат на гордост на сите скопјани“, истакна градоначалникот.

Изградбата на мега-паркот претставува дел од заложбите за развој на повеќе зелени површини, унапредување на урбаната средина и создавање поквалитетни услови за живот во Скопје.

Со овој проект, некогашната дива депонија ќе стане нов симбол на Карпош и едно од најзначајните места за рекреација и одмор во главниот град.