Се расчистува теренот за новиот парк во Карпош 4


Во скопската населба Карпош 4, покрај булеварот „Илинден“, во тек се интензивни активности за расчистување и рамнење на теренот за изградба на нов парк.

Како што информираат од Општината Карпош, веќе неколку денови, механизацијата работи на терен и го расчистува градежниот шут и кабаст отпад што со децении се одложувал на оваа јавна површина.

Во активностите за чистење на теренот учествуваат Градот Скопје и Општина Карпош.

-Локалната самоуправа учествува со осум милиони денари буџетски средства, кои се наменети за подготвителните активности: обезбедување на механизација за чистење и рамнење на теренот-потенцираат од Општина Карпош.

Новиот парк ќе се простира на површина од 60.000 квадратни метри и ќе се надоврзе на спортско – адреналинскиот дел, на кој веќе интензивно се работи (кај алпинистичката карпа).

Предвидено е во паркот да доминира зеленилото, со посебен систем за наводнување, но, ќе има и ботаничка градина и рекреативни содржини.

Во планирањето на јавниот простор вклучена е и стручната јавност, со тоа што Градот објави конкурс за избор на идејно решение за изгледот на паркот. Конкурсот трае до 16-ти март, по што комисијата ќе ги оценува пристигнатите решенија.