Никарагва: Уапсен и осмиот кандидат на опозицијата за претседателските избори


Беренис Кезада е уапсена под наводите за „тероризам“ поради критиките на претседателот Даниел Ортега

 

Властите во Никарагва приведоа кандидат на претседателските избори во ноември, соопшти нејзината партија, додека владата на претседателот Даниел Ортега не покажува знаци за прекин на сеопфатната акција против опозицијата.

Со месеци владата на Ортега приведува политички противници, вклучително и кандидати за претседател, во пресрет на изборите на кои поранешниот марксистички герилец и антагонист на Вашингтон од студената војна ќе се трка за четврти последователен мандат.

Беренис Кезада, која беше Мис Никарагва во 2017 година, беше приведена во својот дом во вторникот доцна навечер и ѝ беше одреден  домашен притвор, соопшти партијата Граѓански сојуз за слобода.

Таа е осмиот кандидат на изборите што беше уапсен од мај. Останатите седум кандидати и дваесетина опозициски лидери се уапсени под нејасни обвиненија за предавство. Повеќето од уапсените во акцијата се држат без комуникации, на необјавени локации и немаат пристап до адвокати.

Сојузот на граѓани во понеделникот ја регистрираше Кезада како потпретседател на кандидат на Оскар Собалваро, бизнисмен и поранешен бунтовнички командант на десницата Контрас, герилски групи поддржани од САД кои се бореа против сандинистичката влада на Ортега во 1980-тите.

„Земјата доживеа премногу малтретирање и репресија, а Никарагванците заслужуваат да живеат во мир“, рече Собалваро.

Со толку многу затворени кандидати од опозицијата критичарите се сомневаат дека присуството на кандидати како Собалваро ќе направи да им донесе тенок превез на легитимитетот на веќе дискредитираните избори на кои Ортега (75) бара реизбор.

Весникот „Конфиденсијал“во вторникот објави дека е поднесена жалба за „терористички криминал“ против Кезада во вторникот до изборниот совет на Никарагва поради нејзините критички изјави за недостатокот на слободи во централноамериканската држава.

Вашингтон и Европската унија воведоа санкции против членовите на семејството на Ортега, вклучително и неговата сопруга и потпретседател, Росарио Муриилјо, како и личности во владата, предупредувајќи дека изборите на 7 ноември не можат да бидат слободни, а повеќето противници на Ортега се затворени.

Многу деловни личности, новинари и политичари избегаа во странство во последните месеци во исчекување да бидат уапсени. (Според агенциите)