Ние сме посветени на изградбата на пругата, a Бугарија очигледно не е, вели Александар Николоски

Потпретседателот на владата очекува очекува Софија да ги исполнува преземените обврски, а не вината да ја префрла врз Скопје


 

Потпретседателот на владата и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска изјави дека Бугарија испратила јасна политичка порака дека нејзината посветеност за изградбата на пругата на Коридорот 8 е на спореден колосек. Бугарската влада одлучи да ја запре модернизацијата на пругата од Софија до Радомир, а парите од 500 милиони евра да ги пренамени за довршување на пругата до Бургас.

„Конечно во вода им падна пропагандата која седум месеци ја водеа против мене и премиерот Мицкоски. Но ние не се откажуваме од изградбата на пругата, дали со оваа влада или некоја идна бугарска влада ќе преговараме и ќе се стремиме да ја изградиме пругата и да ги поврземе Скопје и Софија, бидејќи ова е многу значаен коридор за регионот и за НАТО“, рече Николоски во Ѓорче Петров.

„Во овој момент активно се работи на втората секција во должина од 34 километри која оди од Бељаковце до Крива Паланка. Во јануари ја пуштивме во функција првата секција од Куманово до Бељаковце и остануваме посветени на дијалог со Бугарија со цел изнаоѓање на заедничко прифатливо техничко решение во однос на тунелот којшто треба да ги спојува двете држави и изградбата на третата секција затоа што сметаме дека Коридор 8 е исклучително значаен не само за Македонија туку за целиот регион и за цела Европа. Тоа е НАТО коридор“, рече Николоски.

Тој додаде дека утринава испратил писма до Европската делегација, до Европската транспортна заедница и до двете банки ЕИБ и ЕБРД имајќи предвид дека Македонија има потпишано договори за кредит за Коридорот 8 од 350 милиони евра и доколку не се користат треба да плаќа резервации.

Николоски информираше дека на 7 март кога испратил писмо преку МНР до бугарската влада до бугарското министерство за транспорт и до сите одговорни во кое известува дека од македонска страна е формирана работна група на највиско можно ниво. „Покрај мене во групата се и министерот за надворешни работи, министерката за финансии и директорот на Железница Инфраструктура. Очекуваме иста посветеност и од страна на Република Бугарија со цел да можеме да ја изградиме и да ги поврземе Софија и Скопје и на крај одлуката да е на двете страни“.

Од одлуката на владата во Софија има незадоволство и во бугарскиот град Ќустендил. Градоначалникот на  Ќустендил, Огњан Атанасов, изјави дека е крајно загрижен по оваа одлука, пишува бугарскиот портал „Фокус“.

Поради оваа причина, градоначалникот повикал на средба со претставниците на округот Ќустендил, регионалниот гувернер на Ќустендил и општинските советници, којашто ќе се одржи на 17 март.

„Да седнеме заедно и да ги идентификуваме мерките во врска со нашите активности поврзани со оваа вест. За овие инфраструктурни проекти беа издвоени околу 500 милиони евра и тие не се подобни за финансирање во тековниот програмски период. Одлуката влијае на стратешкиот меѓународен коридор за нашата општина и за регионот, поради што е неопходно да се разговара за последиците и можните последователни активности што треба да се преземат“, објасни Атанасов.