Во Србија е уапсен Давор Мацура, сопственикот на Алта банка
Пропаѓање на банкарската империја на Алта банка во само неколку дена. Падна Вучиќ паѓаат и неговите тајкуни
Давор Мацура, бизнисмен близок до Српската напредна партија и сопственик на Алта банка, која е ставена во стечајна постапка, бил приведен синоќа, дознава Nova.rs. Мацура беше еден од најмоќните тајкуни во Србија додека владееше Александар Вучиќ.
Во саботата пред седиштето на Алта банка во Нов Белград беше забележано силно полициско присуство. Меѓу полицајците имало полицајци вооружени со пушки.
Полицијата поминала повеќе од 30 часа пребарувајќи ги просториите на Алта банка, на која рано наутро во саботата од страна на Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ беше одземена лиценцата за работа и прогласен стечај. Полицијата, исто така, го пребаруваше и домот на Мацура.
Извршниот одбор на Народната банка на Србија ја донел одлуката откако инспекциите покажале значително влошување на финансиската состојба на Алта банка. Исто така, било утврдено дека постои ризик од понатамошно влошување на ликвидноста, што ги загрозува интересите на штедачите.
НБС објави дека пред да ја одземе лиценцата, спровела инспекциски активности во обид да обезбеди зголемување на ликвидноста на банката. Одлуката за одземање на лиценцата ја оправдала со потребата да се заштитат штедачите и да се зачува стабилноста на финансискиот систем.
„Крени-промени“, опозициска граѓанска иницијатива предводена од Саво Манојловиќ, познат по организирањето големи протести во Србија, во саботата објави снимки од граѓани кои чекаат пред затворените врати на филијалата на „Алта банка“ во Нови Сад.
Во последните години, Алта банка извршуваше некои од најголемите финансиски операции во земјата, бидејќи бројни државни компании ја заобиколија државната Поштенска штедилница и ги пренасочуваа плаќањата директно преку „банката на Мацура“. Меѓу нејзините најголеми клиенти беа Електростопанство на Србија, преку кое се вршат сите плаќања за електрична енергија, потоа „Паркинг служба“ на Белград и Српското здружение на автомобили и мотоцикли.
Непосредно пред централната банка да ѝ ја одземе лиценцата, нејзината сестринска компанија „Алта пеј“ направи необичен потег. Иако имаше свои платни операции и сметки во самата Алта банка, ги информираше деловните партнери дека во иднина ќе ги врши сите плаќања преку своите сметки во Поштенска штедилница и ОТП банка. Со тоа, компанијата практично ја заобиколи сопствената матична банка непосредно пред нејзиниот колапс.
Алта банка беше позната и по тоа што во неа ги чуваа своите заштеди илјадниците Руси кои побегнаа во Србија по агресијата на Украина.
Во исто време, работењето на Алта банка е под лупа во регионот. Алта банка од Битола е ставена под принудна управа на Народната банка на Македонија. Со одлука на гувернерот Трајко Славески граѓаните ќе можат да подигнуваат само 10.000 денари неделно. Во Црна Гора тамошната централна банка го забрани работењето на компанијата „Алта пеј“.
Давор Мацура ја започна својата кариера како сопственик на менувачница во Земун, а за време на четиринаесетгодишното владеење на СНС изгради огромна бизнис империја и стана еден од најбогатите луѓе во Србија.
Неговиот бизнис подем неодамна го достигна својот врв со преземањето на малопродажните синџири „ИДЕА“, „Рода“ и „Меркатор“ и вкупно пет компании во сопственост на хрватската групација „Фортенова“.