Муцунски утре на министерски состанок на „Пријателите на Западен Балкан“ во Атина


Фото: Б. Грданоски

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре ќе престојува во Атина, каде што ќе учествува на министерскиот состанок на Групата „Пријатели на Западен Балкан“.

Учеството на Муцунски е на покана на грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, а состанокот ќе биде посветен на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и можностите за забрзување на нивниот пристапен процес кон Европската Унија.

Групата „Пријатели на Западен Балкан“ ја сочинуваат Италија, Австрија, Грција, Чешка, Словачка, Хрватска и Словенија. Нејзината цел е да даде поддршка на европската перспектива на земјите од регионот и да придонесе кон забрзување на нивната интеграција во ЕУ.

Состанокот е дел од редовниот политички дијалог со земјите од Западен Балкан. Во фокусот на разговорите ќе бидат следните чекори во процесот на проширување, како и можностите за постигнување конкретни и видливи резултати во европската интеграција на регионот. објави Скопје1.мк