Синот на Додик ќе биде нов премиер на Република Српска
Раководството на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), предводено од Милорад Додик, одлучило нов премиер на Владата на Република Српска да биде Игор Додик. Тој на премиерската функција ќе го замени Саво Миниќ.
Како што тврди сараевскиот портал „Истрага.ба“, одлуката за новиот премиер на Република Српска била донесена одамна, иако во јавноста се создавал впечаток дека „постои дилема и неизвесност“.
Потегот Игор Додик да стане нов премиер на Република Српска доаѓа како обид на Милорад Додик да ги задржи сите механизми на моќ во Република Српска, во момент кога тој не може да извршува ниту една извршна функција во власта.
Наједноставниот начин да ја задржи контролата е преку членовите на семејството, пишува сараевскиот портал.
Од порталот наведуваат дека во рамките на СНСД постојат несогласувања околу оваа одлука, а Жељка Цвијановиќ се противи на идејата Игор Додик да ја преземе партијата.