Од „Руанда Орбан“ до милијарди евра: Како беа поврзани Орбан и Вучиќ

Зетот на поранешниот унгарски премиер во Белград купил дури 11 згради со површина од 122.000 квадратни метри


Александар Вучиќ и Виктор Орбан на закуска пред изборите во Унгарија во април 2026

 

Виктор Орбан ја користел Србија како место каде што престојувале мигранти кои Унгарија не сакала да ги прими, пишува германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ). Но, миграциската политика е само еден дел од односот меѓу поранешниот унгарски премиер и поранешниот претседател на Србија, Александар Вучиќ. Додека на границата се подигале огради, зад сцената се развивале профитабилни зделки – од железничката пруга Белград-Будимпешта, преку енергетски и државни тендери, до купување недвижности во Белград. Членови на семејството на Орбан и бизнисмени блиски до Српската напредна партија се појавуваат во овие работи.

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ објави статија со наслов „Орбанова Руанда во Србија“, во која анализира како поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан ја користел Србија како еден вид тампон-зона за мигрантите кои се обидувале да влезат во Европската унија, пренесува Дојче веле.

ФАЦ потсетува дека Орбан воспоставил таканаречени транзитни зони на границата со Србија, односно контејнерски кампови опкружени со бодликава жица. Мигрантите чекаа во нив можност да аплицираат за азил, додека бројот на луѓе на кои им беше дозволено да го сторат тоа беше драстично ограничен.

Во 2020 година, Европскиот суд на правдата пресуди против таквата практика, по што Унгарија ги затвори транзитните зони, но воведе уште порестриктивен систем. Барањата за азил практично мораа да се покренат преку унгарската амбасада во Белград.

Унгарија подоцна беше казнета со 200 милиони евра, со дополнителни 1 милион евра дневно за непочитување. Според ФАЦ, долгот се приближил до износот од 900 милиони евра, а не бил намирен дури ни откако Орбан ја загуби власта, а Петер Маѓар ја презеде функцијата премиер.

Додека Унгарија го ограничувала влезот на мигранти, на српската страна од границата биле создадени неформални кампови.

„Тоа беше, на некој начин, верзијата на Руанда на Орбан“, заклучува германскиот весник.

Сепак, односите меѓу Орбан и Вучиќ не завршиле со миграциската политика. Нивниот политички сојуз бил придружен со проширување на деловните врски меѓу компании блиски до властите на двете земји.

Еден од најголемите заеднички проекти беше реконструкцијата на железничката пруга Белград-Будимпешта, која властите на двете земји ја претставија како симбол на стратешко партнерство.

Според унгарскиот портал „444.hu“, компанијата „Доломит“, во мнозинска сопственост на Ѓозе Орбан, таткото на поранешниот унгарски премиер, учествувала во спроведувањето на проектот.

Во текот на 2022 и 2023 година, таа компанија испорачала повеќе од 200.000 тони камен за железничка инфраструктура. Сепак, се појавија документи кои укажуваат на проблеми со квалитетот на испорачаниот материјал.

Според унгарските медиуми, независна лабораторија утврдила дека материјалот не ги исполнува пропишаните стандарди за гранулација, што е особено важно за стабилноста на железничкиот насип.

Во бизнисот биле вклучени и кинески компании, како и компанијата „V-Híd“, поврзана со унгарскиот милијардер Лоринц Месарош, еден од најблиските деловни соработници на Орбан.

Компанијата на таткото на Орбан остварила профит од приближно седум милиони евра само во 2024 година.

Уште подиректна деловна врска меѓу двете власти е воспоставена преку унгарската државна енергетска компанија МВМ и компаниите поврзани со Драгољуб Збиљиќ, бизнисмен близок до Српската напредна партија.

Компаниите од „Манекс груп“на Збиљиќ добија владини договори во вредност од најмалку 530 милиони евра во претходните години.

Унгарската државна МВМ прво купи 33,4 проценти од акциите во „Енерготехника Јужна Бачка“ и „Електромонтажа Кралево во 2022 година, со цел да го зголеми сопствеништвото на 60 проценти во 2025 година.

Збиљиќ е познат и по тоа што во 2012 година беше еден од гарантите за кредитот со кој СНС ја финансираше изборната кампања.

Неговите компании учествуваае во големи државни проекти, вклучувајќи ја и изградбата на Националниот стадион во Сурчин, а само во 2024 година, „Јужна Бачка“ склучила речиси 30 договори со државата.

Деловната соработка продолжила дури и по заминувањето на Орбан од власт. Во мај 2026 година, конзорциумот предводен од компанијата МВМ Јужна Бачка ја добил работата за изградба на нафтовод до Унгарија, вреден околу 123 милиони евра.

Меѓу членовите на конзорциумот била и компанијата Челик од Бачки Јарак, која учествувала во реконструкцијата на железничката станица во Нови Сад, каде што 16 лица загинаа при падот на настрешницата.

Деловните врски се проширија и на пазарот на недвижности.

Како што објави „Нова.рс“ во јануари 2024 година, „Диофа фанд менаџмент“, дел од групата предводена од Иштван Тиборч, зетот на Виктор Орбан, купи дури 11 деловни згради во Белград, со вкупна површина од повеќе од 122.000 квадратни метри.