Отфрлени обвиненијата против девет студенти за уривање на уставниот поредок на Србија
Судијата на Вишиот суд во Белград, Милош Лабудовиќ, соопшти дека се отфрлени обвиненијата против девет студенти, кои беа товарени за обид за уривање на уставниот поредок по минатогодишниот Видовденски протест. Ова уследи откако Вишото јавно обвинителство се откажа од гонењето, по одлуката на Апелацискиот суд со која клучните докази – тајните снимки направени од БИА – беа прогласени за недозволиви.
По завршувањето на постапката, студентите им се заблагодарија на јавноста и на своите адвокати за поддршката, нагласувајќи дека сè уште очекуваат правда и одговорност во однос на постапувањето на вклучените институции.
Во судницата, адвокатката на одбраната го пофали судијата Милош Лабудовиќ за неговата храброст, што предизвика аплауз од присутните во салата, на што судијата одговори со благодарност. Јавниот обвинител не присуствуваше на последното рочиште, а судијата констатираше дека за тоа отсуство не било доставено никакво оправдување. Името на обвинителот не беше обелоденето.
Бојо Бојовиќ, еден од деветте студенти обвинети за обид за уривање на уставниот поредок по Видовданскиот протест, изјави дека апсењето било „чисто политичко“.
Бојовиќ, студент на завршна година на Правниот факултет при Универзитетот во Белград, објасни дека пред апсењата добиле покани за „информативни разговори“ во БИА. Тој раскажа дека на 22 јуни, околу 02,30 часот по полноќ, додека се враќал од кафуле со сестра си и една пријателка, бил следен од непознати лица.
„Кога се свртевме, од другата страна имаше други лица кои носеа службени легитимации на БИА“, рече Бојовиќ.
Тој наведе дека се согласил на разговор бидејќи, како што рече, немал што да крие, а движењето на кое припаѓа отсекогаш се залагало за транспарентност.
Бојовиќ изјави дека потоа бил однесен во полициската станица „Савски венац“, каде што бил подложен на, како што го опиша, исклучително непријатно испрашување.
Што се однесува до завршувањето на постапката, Бојовиќ наведе дека ден по изборите студентите биле известени оти обвинителството се откажало од обвиненијата.
„Ова беше чисто политичко апсење“, рече Бојовиќ, додавајќи дека со тоа завршила нивната „кратка, модерна епопеја“.