Централната банка на Црна Гора ѝ го одзеде правото на Алта пеј груп да пружа финансиски услуги во земјата


 

На денешната седница, Советот на Централната банка на Црна Гора (ЦБЦГ) донесе одлука за одземање на овластувањето за обезбедување платни услуги на платната институција Алта Пеј Груп ДОО Подгорица, откако во спроведената постапка беше утврдено дека законски пропишаните услови за вршење на оваа дејност повеќе не се исполнети.

Ова го објави ЦБЦГ доцна вечерва на Фејсбук.

„Одлуката е донесена во согласност со Законот за платни трансакции, врз основа на сеопфатна проценка на исполнувањето на регулаторните барања, вклучувајќи ги и критериумите поврзани со подобноста на квалификуваниот носител на учество и обезбедување стабилно, безбедно и законско работење на платната институција“, се наведува во соопштението.

ЦБЦГ нагласи дека оваа одлука не претставува ризик за финансиската стабилност на Црна Гора, ниту влијае на редовното функционирање на платниот систем.

„Алта Пеј Груп ДОО Подгорица не е банка, не прифаќа депозити од граѓани и бизниси и нема никакво влијание врз стабилноста на финансискиот систем на Црна Гора. Централната банка навремено ги презеде сите потребни активности во рамките на својата надлежност со цел да обезбеди уредно извршување на обврските на Алта Пеј Груп ДОО Подгорица во светлината на актуелните настани и да ги заштити интересите на корисниците. Советот на Централната банка на Црна Гора потврдува дека финансискиот систем на Црна Гора е стабилен, дека платниот систем функционира редовно и безбедно“, соопшти Централната банка на Црна Гора.

„Централната банка ќе продолжи одговорно, навремено и транспарентно да ја информира јавноста за сите прашања од значење за безбедноста на платните трансакции и стабилноста на финансискиот систем“, соопшти ЦБЦГ.

Извршниот одбор на Народната банка на Србија на завчерашната седница донесе одлука да ја одземе лиценцата за работа на белградската Алта банка.

Алта банка е во сопственост на бизнисменот Давор Мацура, кој беше вратен од аеродромот во Подгорица кон средината на октомври, откако му беше забранет влез во Црна Гора од причини поврзани со националната безбедност.

Централната банка на Србија вчера објави дека одлуката на Народната банка на Србија да ја одземе лиценцата за работа на Алта банка од Белград не претставува ризик за финансиската стабилност на Црна Гора.

Народната банка на Северна Македонија денес воведе административно управување во Алта банка во Битола.