Доживејте ја македонската традиција на Саемот на македонска традиционална храна во Скопје Сити Мол


Замислете парче топол леб со џем од теглата што баба ја чувала за кога ќе ѝ дојдете. За некого вкусот на дома е токму тој. За друг е мирисот на печени пиперки или првата лажичка мед наутро. На 13 декември, од 10:00 до 19:00 часот, на приземје во Скопје Сити Мол, посетителите на Саемот на македонска традиционална храна ќе можат повторно да ги откријат тие вкусови и да ги запознаат луѓето што ги создаваат. Саемот, кој е во организација на Националната федерација на фармери се одржува по мотото „Со мерак произведено со уживање изедено“.

На штандовите ќе има домашен ајвар, лутеница и макало, мед и пчелни производи, маџун, џемови, мармалади, путери, органски сокови, вина и дестилати, како и други овошни и зеленчукови преработки. Мали земјоделци и рурални производители од различни краишта на Македонија ќе ги претстават своите производи. Посетителите ќе можат да слушнат како се подготвуваат, да прашаат што им го дава препознатливиот вкус и да купат директно од производителите.

„Саемот претставува одлична можност за промоција и афирмација на традиционалните производи создадени од нашите земјоделци – мали оператори со храна, кои преку својата работа, посветеност и љубов ги зачувуваат традицијата и автентичните вкусови. Зад секој производ стојат многу труд, енергија и знаење. Затоа, НФФ го организира овој саем со цел да им дадеме поголема видливост, да ги поврземе со потрошувачите и да им отвориме нови можности за пласман на нивните производи “, вели Билјана Петровска – Митревска од Националната федерација на фармери.

За малите производители, еден ден на саемот е можност да стигнат до купувачи надвор од местата каде што вообичаено продаваат. Директниот разговор им помага да дознаат што бараат потрошувачите и да создадат контакти што можат да прераснат во редовни нарачки.

„Саемот за традиционна храна е одлична можност да го доближиме богатството на македонското земјоделско производство до потрошувачите и да им дадеме заслужена видливост на малите земјоделски производители и оператори со храна. Како Национална федерација на фармери, се залагаме за создавање подобри можности за промоција и пласман на домашните производи, зајакнување на малите производители и нивно поврзување со потрошувачите. Поддршката на домашното производство значи поддршка на македонското село, локалната економија и зачувувањето на нашето традиционално производство“, вели Стеванче Јорданоски, претседател на Националната федерација на фармери.

Саемот ќе се одржи во недела, 13 декември 2026 година, од 10:00 до 19:00 часот во Скопје Сити Мол. Го организира Националната федерација на фармери (НФФ) со поддршка на Шведска и Шведската организација за развој We Effect.