Извршниот директор на „Сименс“ предупредува дека кинеската конкуренција може да им наштети на американските компании за ВИ


Огромниот инвестициски бум во вештачката интелигенција (ВИ) е „најголемиот облог во историјата на човештвото“, изјави извршниот директор на „Сименс“ Роланд Буш, предупредувајќи дека конкуренцијата од поевтините кинески модели на вештачка интелигенција би можела да изврши притисок врз големите американски технолошки компании.

– Парите се вложуваат бескрајно – изјави Буш за ДПА. „Знаеме дека вештачката интелигенција има вредност. Но, што ќе се случи ако кинеските модели, кои се многу поевтини, станат исто толку добри? Што ќе се случи тогаш со цените и вреднувањата на големите американски компании? Ако тие нагло паднат, би дошло до корекција“.

Сепак, Буш ги минимизираше стравувањата дека огромните инвестиции во вештачката интелигенција би можеле да предизвикаат финансиска криза.

– Големите играчи во областа на дата-центрите, како што се „Енвидија“ и „Мајкрософт“ ги финансираат овие инвестиции од готовинскиот тек. Тие не се особено зависни од долгови – рече тој.

– Тие сочинуваат околу 60 проценти од индустријата. Останатите 40 проценти се поизразено финансирани преку долгови. Таму би можело да има корекција – но според мене, не и криза – додаде Буш.

Берзите со месеци се многу чувствителни на случувањата во индустријата за вештачка интелигенција поради растечката загриженост за можен пазарен меур. Зголемените каматни стапки исто така го поскапеа финансирањето на центрите за податоци, додека инвестициите на компаниите за вештачка интелигенција кај нивните сопствени клиенти предизвикаа загриженост за концентрирани финансиски ризици.

Покрај „Енвидија“ и „Мајкрософт“, развивачите на вештачка интелигенција како што се „ОпенЕјАј“ и „Антропик“ инвестираат милијарди долари во трката за развој на најмоќните модели.

„Антропик“ собра повеќе од 100 милијарди долари вкупно финансирање околу својата иницијална јавна понуда минатата недела.