Независните со СДСМ: Зајакнување на мнозинството или порака до Ахмети?


Чекајќи ги вестите од Брисел, политичките партии во земјава се подготвуваат за периодот што ќе настапи по (не)добивањето на датумот за старт на преговорите со Европската Унија. Опозицијата бара веднаш да бидат организирани предвремени парламентарни избори, без оглед каков ќе биде исходот од самитот, додека владејачките партии засега ја одбиваат таквата можност инсистирајќи на гласање да одиме идниот октомври.
Сепак, во парламентарните ходници сè погласно се зборува дека власта не седи со скрстени раце и не гледа само во Брисел, туку се обидува да ја зацврсти својата позиција. Според одредени сознанија, социјалдемократите се обидуваат во својот двор да ги приграбат осумте независни пратеници што беа избркани од ВМРО-ДПМНЕ и од Социјалистичката партија по дадениот глас за уставните промени и договорот за името со Грција. Со нивните осум гласа, владејачкото мнозинство би се приближила до бројката од 80 пратеници, која е клучна при гласањето на двотретинско мнозинство, особено кога нема договор со опозицијата. Сепак, и со нив, власта би имала максимум 76 пратеници (СДСМ, ДУИ, ДПА и Алтернатива на Африм Гаши), вклучително и со Панчо Минов. Минов се налути на ставот на ВМРО-ДПМНЕ за референдумот, односно за отстранувањето на неговиот сограѓанин Митко Јанчев од потпретседател на партијата, но не важи за дециден поддржувач на мнозинството.
Но евентуалниот влез на независните во прегратките на СДСМ испраќа една друга важна порака кон Мала Речица. Десетте пратеници на ДУИ веќе нема да бидат клучни за опстанок на владејачкото мнозинство, затоа што Зоран Заев ќе може да смета на своите 49, плус „пребегнатите“ Амди Бајрам, Чедомир Кралевски и Јусу Хасани, потоа трите пратеници на Алтернатива и двата на Мендух Тачи, што заедно со осумте независни сочинува бројка од 65 народни избраници.


Во независната пратеничка група признаваат дека е разговарано со СДСМ да станат дел од мнозинството, односно активно да партиципираат во власта, но оти е рано да се оди со генерален заклучок како ќе се одвиваат работите.
„Во овој момент, приоритет е да добиеме датум за преговори, потоа ќе ги отвориме сите прашања и ќе видиме кој што добива и губи“, велат нашите извори од пратеничката група.
Независните демантираа дека ќе прават нова партија, но најавија засилени активности и конкретни предлози за изборни реформи, како намалување на бројот на пратеници, застапеност на лицата со посебни потреби на листите, рамноправна родова застапеност и да се најде решение со кое ќе се гарантира застапеноста на помалите етнички заедници во парламентот. Пред неколку дена побараа да бидат вклучени и во преговорите меѓу партиите за најавените промени во Изборниот законик.
Што се однесува до коалицијата СДСМ – ДУИ, секако дека во овој момент не станува збор за нејзино разбивање, туку повеќе за позиционирање пред изборите в година. Во тој контекст се третира и неодамнешната изјава на премиерот Заев, кој одговарајќи му на Артан Груби од ДУИ дека „мирот нема цена“ по повод оценките на Венецијанската комисија за Законот за јазици, рече дека „политичарите некогаш тропаат глупости“. Забелешките на Венецијанската комисија покажаа исклучително разногласие меѓу СДСМ и ДУИ, односно првите ветуваат оти ќе ги имплементираат забелешките од надвор, а вторите не сакаат да чујат.
Во Алијансата за Албанците сепак ги отфрлија (дез)информациите дека по вторпат ќе влезат во владата на Зоран Заев.


„Тоа е спин што веројатно доаѓа од кујните на СДСМ за да ја чујат нашата реакција. Воопшто не сме разговарале ниту, пак, планираме да разговараме. Оваа влада е страшно разочарување за сите и не планираме да ѝ дадеме легитимитет. Тие мора веднаш да си заминат. По одлуката од Брисел, ќе притиснеме за предвремени парламентарни избори. Откако ќе ги дознаеме резултатите во македонскиот и во албанскиот кампус, можеме да разговараме за евентуална коалиција со СДСМ или со ВМРО-ДПМНЕ, секако, доколку ни се совпаднат програмите“, нагласуваат од партијата на Зијадин Села.
По одлуката од Брисел, за предвремени избори ќе притискаат и од ВМРО-ДПМНЕ, која е во неформална коалиција со Алијансата на локално ниво во Гостивар и во Дебар. Лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, не е оптимист дека ќе добиеме чист датум за почеток на преговорите со ЕУ. Тој вели дека или ќе има условен датум или преговори нема воопшто да има, а одговорноста за тоа ја гледа во власта.
„Доколку независните пратеници навистина преминат во СДСМ, тоа не може на ниту кој било начин да ни направи штета. Напротив, ќе ни помогне затоа што тие и сега соработуваат. Од друга страна, кој од тие пратеници што се предадоа себеси, партијата, народот, татковината може да смета на поддршка и гласови од вмровското членство и симпатизери. Ние сме многу спокојни, знаеме дека Заев ровари за да извади нови партии од божем незадоволни наши членови, но бројките се прецизни и говорат за наша убедлива победа на предвремените избори“, коментираат во белата палата.

Горан Адамовски