„Независен“ во Украина: Почна одбројувањето, сите се подготвуваат за евакуација или за војна

Нервозата почна да се чувствува и во украинскиот државен врв и во јавноста, јавува нашата уредничка Слободанка Јовановска. Во Украина има деведесетина Македонци


Золоте 3, гратчето на духови. Во него останаа да живеат само 200 луѓе по војната во 2014. Тоа е на 800 метри од линијата на фронтот (Фото: С. Јовановска)

 

(Од нашиот известувач)

 КИЕВ – Состојбата околу Украина од вчера почнува драматично да ескалира, со најава утрово дека е прашање на часови кога САД ќе го повикаат својот дипломатски персонал во амбасадата да ја напушти земјата. Најавите за можна руска инвазија „во кој било ден“ сега стигнаа до „кое било време“.

Неколку земји, меѓу кои Израел, Јапонија, Велика Британија, Латвија, Норвешка, Холандија, Јужна Кореја, па и Македонија, ги повикаа своите граѓани да заминат што поскоро од земјата, а САД за 24 или најдоцна за 48 часа, но таков повик до дипломатите нема од Европската унија.

Околу деведесетина Македонци во Украина се повикани да се јават во амбасадата за да им се укаже евентуално помош и таа црвена линија  функционира. Нашите дипломати, меѓу кои амбасадорот Крум Ефремов, сепак остануваат во Киев до следна препорака.

Ваквите потези од утрово Москва ги нарече хистерија, со порака дека Американците и Британците сакаат војна по секоја цена и дека станува збор за провокации кои треба да бидат повод за украинските сили да ги нападнат руските во Донецк и во Луганск, т.е. на окупираните територии. Меѓутоа сите странски дипломати потсетуваат дека исто вакви изјави со кои се негирала каква било воена акција имало и во 2014 година пред инвазијата на Крим.

Нервозата почна да се чувствува и во украинскиот државен врв и во јавноста, па Си-Ен-Ен утрово извести дека „конечно“ и тие почнале да стануваат загрижени, бидејќи до вчера не можеа да сфатат како луѓето тука не реагираат на ситуацијата и продолжуваат да живеат како досега. Аеродромот во Киев утрово функционираше како и вообичаено, иако беше забележливо повлекувањето на странците од земјата. Ниту еден лет засега не е откажан.

Украинските власти објавија дека се активирани плановите за евентуална инвазија или напад, кои вклучуваат околу 5.000 времени сместувања, мерки за евакуација на населението, генератори за обезбедување струја и слично. Киев утрово сепак се разбуди и функционира нормално и нема друга промена освен што падна снег и што пораките од украинската, од меѓународната и од руската страна стануваат сѐ понервозни и сѐ пожешки. Генералот на украинската армија, Олександр Сирски, дури им порача на руските војници дека интервенцијата во Украина нема да биде како „прошетка низ парк“, дека ќе се соочат со отпор на секоја педа земја и дека таа ќе биде „преплавена со нивната крв“.   

Овде некој живее во Золоте 3, но човек не може да се види (Фото: С. Јовановска)

Слични пораки беа упатени вчера и од фронтот во Луганск и Донецк, иако сите очи на Украинците во моментов се насочени многу повеќе кон северната граница со Белорусија и Русија, каде се натрупани воени сили и воена опрема, што според изјавите на американските воени експерти, вклучуваат „сѐ што е потребно за воена интервенција“.  

„Кажете им во вашите земји: Нашите војници сега се на линијата на поделба во Украина, но утре таа линија ќе биде во Европа. Војната нема да запре тука. Мојата куќа можеби утре ќе биде вашата куќа.Ова е борбена линија за цел свет. Ова е војна на цивилизираните општества против нецивлизираните“, ни порача вчера Олексиј Баченко, цивилен и воен раководител на супрегионот Хирске во Луганск, кој ја има таа „среќа“ да биде одговорен за девет општини – сите на борбената линија. Таа линија го вклучува и Золоте 3, каде што сѐ уште живее и секојдневно е сведок на огнените престрелки меѓу руската и украинска страна. Неговата куќа е само 480 метри до најблиските борбени ровови, па престрелките и гранатирањата му се секојдневие.

„Како живеам? Нормално… Дали се плашам? Тој збор не ми е познат“, вели Баченко, инаку дипломиран правник и сопственик на компанија, кој за себе имал други планови во животот, но добар дел од него го поминал на фронтовите во  регионот.

„Ако има војна, ќе се вклучам. Јас сум  војник, учествував во борби од 2014 година, вклучувајќи ја и најголемата кај Илојвас, а последен пат минатата година. Навикнати сме на ситуацијата. Не ни требаат пари, не ни требаат коли, сакаме само мир  и да живееме нормално“, вели Баченко, нафрлајќи попатно дека само контролните пунктови досега биле острови на мирот во регионот, бидејќи се дел од договор на двете завојувани страни, што наскоро може да не важи.

На теренот состојбата беше вообичаена, што не значи и мирна. За разлика од Киев, кој досега беше далеку од воената закана, во Золоте 3 (едно од петте кои го сочинуваат градот Золоте), кое се наоѓа на 800 метри од линијата на фронтот,  пораките на Баченко одекнуваа силно. Никој не минуваше низ улиците, никој не погледнуваше низ прозорците, ниту еден оџак не чадеше, ниту едно дете не си играше на детското игралиште, немаше ниту една продавница, стоеше празна автобуската станица, а самотијата изгледаше чудно и околу единствениот споменик во центарот на градот.

„Мојата куќа можеби утре ќе биде вашата куќа. Ова е борбена линија за цел свет“, вели Олексиј Баченко, раководител на супрегион и војник во критични времиња (Фото: С. Јовановска)

Во овој град на духови и тие што останале се однесуваа така. Гледаат да останат незабележливи, и само куповите со јаглен за греење пред куќите и кучињата што лаеја во некои дворови беа знак дека некој сепак живее тука. Тие што останале, приближно околу 200 луѓе, немале друга опција, но се обидуваат да не се знае каде се, за да не станат мета на намерни ракетирања. Куќите во уникатен стил на првата линија на градот имаа видливи оштетувања од ракетирањата и зјаеја празни, бидејќи сѐ што имале сопствениците однеле пред тоа. На неколку секунди се појави стара бабичка од една од куќите и бргу се скри внатре, одбивајќи и разговор и фотографирање. На една од куќите стоеше натписот: „Сѐ е земено одамна, не барајте го веќе минатото“.

Овде војната сепак се гледа низ локалната диоптрија и сите работат како никогаш да нема се случи. И Баченко смета дека воената интервенција е реална и дека затоа веќе направиле планови за евакуација, донеле закон за партизанска војна (не сакаше да даде детали што значи тоа), ги утврдиле сите чекори што треба да се направат во таква ситуација, од вооружување на доброволците до распоредување на силите, па и дека за тоа веќе обезбедиле буџет. Никој овде не бара од никого да ги брани, но разочараноста од немањето поголемо разбирање  и солидарност околу тоа што им се случува и од празните ветувања што ги добивале досега, се кажуваат многу отворено и гласно.

Има и по некој човек во Золоте 3, но тие не можат да се видат (Фото: С. Јовановска)
Траги од војната во 2014 (Фото: С. Јовановска)

„Во 1996 година САД, Велика Британија и Русија ни ветија дека, ако го демонтираме и уништиме нуклеарното оружје, тие ќе ни гарантираат мир. Го уништивме во 1999 година и сега имаме војна. Направивме голема грешка“, вели тој, додавајќи дека сега не им веруваат на ветувањата од надвор ни кога се напишани на хартија.

„Ние немаме никакви претензии кон никого. Само сакаме своја суверена земја со гарантирани граници според меѓународните договори“, вели тој, со забелешка дека место тоа сѐ уште се борат за аеродромот во Донецк и за другите територии.

Славјанск, каде што бил, како што велат, епицентарот на воената пресметка во 2014 година кога почна руската окупација на дел од територијата, најдобро ги покажува тие „рани“ од војната и од неисполнетите ветувања. На главниот пат сѐ уште стои градинката што била цел на бомбардирања од борбените авиони на руските трупи, покрај која настрадале и други објекти, меѓу кои и една болница. Жители околу градинката ни раскажуваа дека тие сцени им се навраќаат повторно сега и им предизвикуваат траума.

Напуштени куќи во регионот на поделбата (Фото: С. Јовановска)
Аветински слики (Фото: С. Јовановска)

Како изгледа животот во вакви услови ни опиша Баченко.

„Пред месец и половина руските сили од другата страна на линијата на поделба  го гранатираа водоводот што обезбедува 75 проценти од водата на времено окупираната територија. Паралелно со тоа, го оштетија и снабдувањето со гас и со електрична енергија, за да тврдат пред жителите таму дека украинската влада сака да ги остави без вода, струја и греење. Успеавме да го ставиме водоводот во употреба повторно за ден и пол“, објасни тој. Борба водат и во етерот, бидејќи според сите оценки во Украина постојано се цел на хибридни напади од Русија од секаков тип, а особено на нив наседнуваат постарите жители кои никогаш не патувале надвор од Украина и на кои им се сервира колку Европа е расипана, дека во неа нема доволно струја и гас, дека ништо не фукционира, а слични наративи има и на окупираните територии за Украина. Како одговор изградиле телевизиски центар од кој се емитуваат дури 33 канали на руски и на украински.

„Животот на луѓето на времено окупирание територии е лош, не им се признаваат документите, не им се прифаќаат дипломите, а од некоја причина доаѓаат од оваа страна за да си ги земат пензиите. Влегуваат преку контролниот пункт или преку Русија и секој ден по 30 до 40 тамошни жители, дури и силно наклонети на Русија, доаѓаат овде за исплата. Има и илегални преминувања, иако поретко“, вели тој, посочувајќи го случајот со една старица која минала низ минско поле кое е остаток од најжестоките денови на војната во 2014 година.

Луганск е регионот во кој се наоѓалиштата на јаглен во Украина и кој во советските времиња беше главната индустриска зона. Сега промените си го направиле своето и многу од фабриките или немаат пазар или ги прегазило времето, бидејќи целата економија е во транзиција. Тие се  симбол на старата Украина која сака да фати чекор со нова Европа. Низ Луганск поминуваат и рѓосаните цевки на гасоводот што значи живот за цела Европа и кој беше главната причина што ја спречуваше Москва досега да изврши воена агресија од поголем формат во Украина.

И иако руските трупи буквално не се дојдени до нашите куќи и до Европа, рѓосаните цевки на гасоводот, чиј вентил може да биде затворен во кој било момент, може да биде најавата за тоа. Како земја со ист стаж на независност како Македонија, Украина деновиве се бори на многу повеќе фронтови – во услови на војна и на закана од уште поголема војна треба да ја одржи етничката кохезија во земјата, да се преориентира од источниот на западниот пазар, да ја трансформира сосема економијата, постојано да ја засилува армијата бидејќи е под закана и да ги задржи луѓето да не бегаат од окупацијата и од цели депресирани региони во земјата.

За помош не молат, но таа им е многу потребна за да не потклекнат. Создавањето паника однадвор не го сметаат за тоа, а тоа најдобро го кажа вчера амбасадорот на Украина во Вашингтон, кој изјави дека побрзо ќе пропаднат економски ако продолжи ваквата состојба околу земјата отколку од воената интервенција. Или, како што оцени еден од новинарите овде што известуваат за кризата – жално е ова што им се случува на Украинците, бидејќи не го заслужуваат.