„Независен” на концертот на Брус Спрингстин во Прага: Сите што веруваат во демократијата да застанат со нас против авторитаризмот

Америка за која ви пеев во последните 50 години од мојот живот е вистинска. И без оглед на нејзините многубројни недостатоци, тоа е одлична земја со одлични луѓе


Фото: Независен

ПРАГА- Рок музиката не е само добра забава, таа може да испрати и силни политички пораки. Токму ова се случи вчера во Прага, на концертот на музичката икона Брус Спрингстин, кој повеќе од 2,5 часа маестрално ја држеше во ритам 60- илјадната публика на ледината на аеродромот „Летњани“, но во неколку наврати упати и критики кон актуелната администрација на американскиот претседател Доналд Трамп, и кон екстремно богатите на кои не им е грижа за најсиромашните, посебно за децата.

Ниту дождот кој врнеше во поголемиот дел од концертот, не ја наруши извонредната атмосфера на настапот на Спрингстин и на неговиот “И-стрит бенд”.

Слично како претходно во Манчестер и во Берлин, Спрингстин ги повтори неговите оцени дека САД денес не е онаа држава за која пеел изминатите 50 години, дека американската администрација е „корумпирана, некомпетентна и предавничка“, како и дека е загрозена демократијата, порачувајќи дека за неа треба сите да се борат.

„Ова не треба да им го објаснувам на луѓето во Чешка”, рече Спрингстин, алудирајќи на историјата на земјата.

Дел од песните кои имаа и политичка порака, беа титлувани и на чешки јазик.

„Вечерва, ги молиме сите што веруваат во демократијата и најдоброто од нашиот американски експеримент да се кренат со нас, да го кренат својот глас, да застанат со нас против авторитаризмот и да дозволат слободата да владее“, рече тој.

Во неговите кратки обраќања  тој се осврна и на рациите против имигрантите, замрзнувањето на федералните средства за универзитетите …

Сепак, Спрингстин остави надеж дека „Америка за која ви пеев во последните 50 години од мојот живот е вистинска. И без оглед на нејзините многубројни недостатоци, тоа е одлична земја со одлични луѓе. И ние ќе го преживееме овој момент”.

Илјадници обожаватели се спротивставија на дождот за да присуствуваат на долгоочекуваниот концерт на рок иконата. Во карактеристично енергичен настап, 75-годишниот рок пејач ја држеше публиката во ритам до последниот звук на концертот.

Чешкото и американското знаме се виореа високо над бината. Спрингстин ја освои публиката со своите безвременски хитови како што се “The river”, “Darkness on the Edge of Town”, “The Promised land”, „Born in the USA“ или „Dancing in the Dark“, комуницирајќи со публиката ракувајки се и прегрнувајќи ги среќните обожаватели.

Спрингстин, со прекар “The Boss” („Шефот“) исто така, ја пофали чешката гостопримливост, потсетувајќи дека ова всушност е презакажан концерт, откако лани на крајот на мај беше принуден да откаже настапи во неколку градови поради проблеми со гласот.

Политичката димензија на настапот на Спрингстин е видлива и од изборот на песните. Концертот го почна  со “Summertime blues”, како деби на турнејата, прв пат изведувајќи ја од 2016, “Land of Hope and Dreams”, “Death to My Hometown” и други, политичката порака се гледа и со пуштањето на песната “This Land Is Your Land”, на легендарниот Вуди Гатри.

Многу обожаватели од странство допатуваа во Прага за да уживаат во шоуто, многу од нив чувајќи ги билетите уште од ланскиот откажан настап. Концертот беше негов прв настап во Чешка од 2012 година.