„Независен“ на концерт на Ерик Клептон во Милано: Врвен рок, блуз и гитара во боите на Палестина

(Од нашиот известувач)
МИЛАНО – Легендарниот рок гитарист Ерик Клептон е како врвно вино, секогаш е уживање кога се „консумира“. Вака, парафразираме, гласеше еден од коментарите по двата распродадени настапи на Клептон во Милано, Италија, на 27 и 28 мај годинава. Врвен рок, блуз, незаборавни соло делници и виртуозни музички импровизации, зачинети со силна политичка порака на Клептон, кој во поголемиот дел од настапот свиреше на гитара во боите на знамето на Палестина. Токму овој момент беше во фокусот на извештаите на музичките новинари во италијанските медиуми.
Клептон не зборуваше многу, освен кога ги претставуваше музичарите од бендот и спомнувањето на неговиот трагично загубен син. Тој со ниту еден збор не ја спомена Палестина, но политичката порака беше повеќе од јасна, кревајќи ја во еден момент гитарата високо над главата.
Што се однесува до музичкиот дел, вчера (а според извештаите така беше и ден претходно) присуствувавме на врвно доживување, магично музичко патување со некои од незаборавните нумери од богата кариера на Клептон како соло изведувач, но и од времето на „Крим“, „Јардбрдс“, „Блајнд феит“.
Клептон изведе многу од своите класици, од „Cream of Your Love“ до трогателната „Tears in Heaven“ посветена на неговиот и синот на Лори Дел Санто, Конор, кој трагично почина на четиригодишна возраст во 1991 година, како и експлозивната „Cocaine“.
На концертната листа беа вклучени иконски песни како што се „White Room“, „Key to the Highway“, „I’m Your Hoochie Coochie Man“, „Sunshine of Your Love“, „Tears in Heaven“, „Badge“, „Wonderful Tonight“, „Old Love“, „Cross Road Blues“, „Little Queen of Spades“, „Cocaine“ и „Before You Accuse Me“, легендарни песни од репертоарот од над шеесет години кариера, во кои големиот гитарист експериментираше со различни музички стилови, од блуз до психоделичен рок, од реге до поп-рок.
Овој избор им овозможи на обожавателите да ги оживеат најзначајните моменти од кариерата на Клептон, истакнувајќи го неговото мајсторство во блузот и рокот.
Музичките новинари кои што го следат Клептон потсетуваат дека не е прв пат тој да ја користи „палестинската“ гитара. Клептон го направил тоа и во Лука минатата година, откако претходно напиша инструментална песна за децата од Газа, „Prayer for a Child“, но, како што додаваат, повторувањето во овој многу деликатен момент е јасен политички сигнал.
Клептон во Милано настапи во Унипол форум во Асаго, сала која е дом на италијанските хокеари, пред околу деветилјадна публика на секој од двата концерти, како дел од кусата европска турнеја, која покрај концертите во Милано, ги опфаќа и Париз и Ница (31 мај и 2 јуни) во Франција, и претходно неколку концерти во Велика Британија, а наесен продолжува со десетина настапи во САД.
Клептон е добитник на безброј награди и признанија, тој е универзално признат како еден од најважните гитаристи на нашето време. На постојната турнеја го придружува супербенд во кој се Натан Ист на бас, Дојл Брамхол II на гитара, Крис Стејнтон на клавијатури, Тим Кармон на Хамонд, Сони Емори на тапани и Шерон Вајт и Кејти Кисун на придружен вокал.
Сет листа:
01. White Room
02. Key To The Highway
03. Hoochie Coochie Man
04. Sunshine Of Your Love
05. Kind Hearted Woman
06. Nobody Knows You When You’re Down And Out
07. Golden Ring
08. Can’t Find My Way Home (Nathan East – vocals)
09. Tears In Heaven
10. Badge
11. Old Love
12. Crossroads
13. Little Queen Of Spades
14. Cocaine
15. Before You Accuse Me (Encore)