Непријатниот мирис и чад што се шират во Аеродром доаѓаат од околината на градот
По реакциите од страна на граѓаните на Општина Аеродром за непријатниот мирис кој се шири на територијата на општината, општинските инспектори вчера попладне излегле на терен, при што затекнале пожар во близина на препумпната станица „Лисиче“, а истиот бил веднаш локализиран од страна на противпожарната служба.
Но, од општината велат дека овој пожар не претставува причина за чадот кој се ширеше на територија на Општина Аеродром.
Воедно, од нивна страна беше констатирано дека чадот и мирисот се предизвикани од пожари кој доаѓа од други општини во градот Скопје и околината. Во насока на решавање на проблемот, а со оглед на тоа дека надлежностите на општинскиот инспекторат се само на нашата територија, Општина Аеродром во неколку наврати реагираше за нивно гасење, порачуваат од општината предводена од градоначалникот Тимчо Муцунски.
Општина Аеродром уште еднаш ги повикува надлежните служби да ги преземат сите неопходни мерки за решавање на проблемот.
Општина Аеродром и понатаму стои на располагање за решавање на сите проблеми кои се во надлежност на општината, додаваат оттаму.
Вчера гореше стрниште позади хотелот „Белви“ во скопската населба Илинден, а густиот чад се гледаше и од другите скопски населби. Според директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов запалена била трска, а ја гаснела екипа на Бригадата за противпожарна заштита на Скопје.