Непријатен удар од Управен суд за Антикорупциска и Силјановска-Давкова
Шефицата на Антикорупциска, Димитровска, и кандидатката Силјановска беа самоуверени околу приговорот за Академијата за судии. Пресудата беше горка пилула
Не секој почеток е добар.
Во тоа се увери новиот состав на Антикорупциската комисија и нејзината претседателка Татјана Димитровска по одлуката на Управниот суд по тужбата на Академијата за судии и обвинители.
Димитровска 19 години работеше во Државниот завод за ревизија, стигна до раководни позиции, пред да застане на чело на Антикорупциската комисија. И веројатно со предметот поврзан со Академијата за судии и обвинители разбра дека ревизорската работа е многу покомотна и со помалку правни суптилности отколку да се биде на чело на Државната комисија за спречување на корупцијата. Ревизорите ја завршуваат својата прецизна работа, го пишуваат извештајот и го објавуваат во јавноста, а таа и политичарите после се занимаваат со него.
Во случајот со Академијата за судии и обвинители работата за Татјана Димитровска не заврши откако ја прочита одлуката дека Антикорупциската комисија со пет гласа го усвоила приговорот на Гордана Силјановска-Давкова оти бил прекршен Изборниот законик. Силјановска-Давкова и претставниците на Академијата за судии и обвинители беа повикани на седницата на која се расправаше за приговорот и да се слушнат нивните аргументи, за потоа да се дознае дека одлуката била донесена претходно, пред таа седница.
Одлуката на Управниот суд со која се уважува тужбата на Академијата за судии и обвинители треба да биде момент за отрезнување за новата Антикорупциска, затоа што со вакви брзоплети одлуки може да го поткопаат наследството што го оставија нивните претходници.
Од Академијата образложуваа дека ако се забранат вработувањата за 130 кандидати, државата наскоро ќе се соочи со алармантен недостиг од судии и обвинители. Немало прекршување на изборниот законик, бидејќи процесот на селекција бил почнат пред 15 месеци.
За Антикорупциска немаше дилема, вработувања за време на кампања се спротивни на изборниот законик. Ако постапката била итна, Академијата морала да биде ажурна.
Сето тоа требаше да биде антикорупциски театар и еден вид политичка драма. Дека кандидатката за претседател, Гордана Силјановска-Давкова, е супериоорна во изнесувањето на правните аргументи оти Академијата засновала правен однос со кандидатите кои посетуваат обука за судии и обвинители по огласот што го објави во јануари 2023 година, а тоа не било дозволено. И да се докаже дека сегашната претседателка на Академијата за судии и обвинители, а поранешна судијка на Уставниот суд, Наташа Габер-Дамјановска, не ја познава доволно работата и прекршила некои членови од Изборниот законик.
Настанот доби поголемо медиумско внимание затоа што се случува во изборна кампања. Се објавуваа поголеми видео делови како Силјановска-Давкова го образложува приговорот, како Габер-Дамјановска студено одговара дека наводите не се соодветни.
Предметот отиде пред Управниот суд откако Академијата поднесе тужба. И таму новинарите ја запоседнаа салата и гледаа како антикорупционерката Димитровска ги повторува ставовите од нивната одлука, а Силјановска-Давкова се обидува да поентира уште еднаш во своето излагање што треба да биде поттик за нејзината кампања.
Одлуката на Управниот суд изгледаше како студен туш и за Татјана Димитровска и Антикопрупциската комисија, но и за претседателската кандидатка Гордана Силјановска-Давкова.
Целиот случај сега пак се враќа во Антикорупциската комисија откако Управниот суд најде дека наводите во тужбата на Академијата биле исправни затоа што антикорупционерите имале судир на интереси, па не смееле да одлучуваат по приговорот на претседателскиот кандидат, Силјановска-Давкова.
„Судечкиот совет најде суштествени повреди по однос на персоналниот состав на Државната комисија за спречување на корупција при одлучувањето и донесувањето на оспорената одлука во однос на веќе донесените одлуки за изземање како и по однос на непостапување по барањата на Академијата изнесени на јавната расправа и како тужбени наводи по однос на изземања на три члена од комисијата“
Управен суд во својата пресуда наведува и дека Антикорупциска не посветила доволно внимание на Изборниот законик во делот за итни и неодложни работи, на што се повикуваше и Академијата.
За Силјановска-Давкова, која самата себеси се претставува како врвен познавач на уставното право, а нејзините поддржувачи ја глорифицираат како вонременски професор, поразот во судот е горка пилула. Таа изгуби два дена од кампањата во подготовки и елаборирања на своите пледоајеа и во Антикорупциска и во Управниот суд. И на крај го загуби случајот, затоа што законите не се исто што и предавањата за конститунационализмот. Овој лош момент за неа Силјановска-Давкова го премолчи како и да не се случил. Него го премолчеа и нејзините противкандидати, но пошироката јавноста дозна за него и разбра дека едно е она што го зборуваше професорката во факултетските сали и го кажува на партиските митинзи, а друго е кога аргументите и фактите треба да се соочат на суд.
А Татјана Димитровска? Таа мора што е побрзо да заборави дека врши ревизорска работа, туку дека треба да биде антикорупционерка. Уште една ваква несреќна одлука на Антикорупциската комисија тешко ќе може да се врати довербата што ја стекнаа претходниците. (Љ.П.)