Непалските војници собраа 11 тони ѓубре, 4 тела и еден скелет од Еверест. Им требаа 55 дена


Армијата на Непал соопшти дека годинава отстранила 11 тони ѓубре, четири тела и еден скелет од Монт Еверест и два други врва на Хималаите, јавува Би-Би-Си.

На војниците им беа потребни 55 дена за да го извлечат ѓубрето и телата од Монт Еверест, Нупце и Лотсе. Се проценува дека Еверест е покриен со повеќе од педесет тони отпад и повеќе од 200 тела.

Во 2019 година, војската почна да спроведува годишно чистење на планината, која често се опишува како највисоката депонија за ѓубре во светот. Во пет операции за чистење, собрани се 119 тони ѓубре, 14 човечки трупови и неколку скелети, велат од армијата.

Во иднина, владата планира да формира тим од планинари кои ќе ја следат количината на ѓубре и ќе инвестираат повеќе пари во неговото собирање, изјави за Би-Би-Си Ракеш Гурунг, директор на Одделот за планинарење на Одделот за туризам во Непал.

Сезоната за искачување на Еверест заврши на крајот на мај. Оваа година највисоката планина во светот однесе осум животи. Повеќе од 600 алпинисти и водичи успеаја да се искачат на Еверест оваа сезона.