Необјаснив феномен: Сточарството изумира, а во Македонија има вишок домашно млеко
По протестот на пелагонскиските сточари, и нивните колеги од Малешевијата се собраа во Делчево за да го искажат незадоволство од политиката на државата
БИТОЛА – Несфатливо е како Македонија има вишок на домашно сурово млеко кога сточарството изумира, се продава стоката, се затвораат фармите. Ова е дилемата која ги мачи сточарите од Малешевијата, според кои состојбата во сточарството е сериозно тешка поради што по протестот на пелагониските сточари на мирен протест излегоа и сточарите од Источниот регион.
Државата на име на субвенции кон макдедонските земјоделци должи околу 70 милиони евра, а тука во голем дел спаѓаат и субвенциите за сточарите по грло (неисплатени за кравите и козите) и премијата за млекото неисплатена од лани од јуни месец.
Според сточарот Горан Вучковски, млекарница „Малеш“ од Смојмирово, Беровско, од 12 јули најавила дека прекинува со откуп на сурово млеко од сточарите. Одгледувачите на говеда од Источниот регион се собрале на мирен протест пред просториите на Подрачната канцеларија на МЗШВ во Делчево. Целта на собирот била јавно да го изразат револтот од моменталните пазарни нарушувања на суровото млеко и да ги достават нивните барања до надлежните институции во Скопје.
Со најавениот прекин на откупот на млекото без пласман ќе остане околу 15.000 литри сурово млеко што дневно го произведуваат околу 80 сточари од Малешевијата.
„Целосно е несфатливо за нашата држава да се соочува со ‘наводен’ вишок на домашно сурово млеко и прекин на откупот од страна на одредени млекарници, во услови кога домашното производство задоволува одвај 60 отсто од вкупните потреби на македонскиот пазар. Проблемот не е во фармерите, туку во неконтролираниот увоз на пастеризирано млеко и млеко во прав од Србија, што создава нелојална конкуренција и директно ги притиска преработувачите кои работат со вистинско домашно фармерско млеко“, изјавија сточарите од здружението „Симентал“ Делчево. И додаваат:
„Како резултат на пасивноста на институциите, претрпена е огромна, трикратна штета: оштетена е државата преку намалување на БДП на сметка на увозот, оштетени се потрошувачите бидејќи јадат производи со растителни масти без соодветна декларација и на крајот, оштетени се домашните фармери“.
Сточарите од Малешевијата велат дека се соочуваат со „неосновани закани со тужби за протестите и брутално кратење на откупните цени за цели 30 проценти, со што се принудуваат да го стопираат производството и да ги празнат шталите“.
Сточарите на протестот побараа од МЗШВ и АХВ итна и неодложна исплата на заостанатите субвенции во секторот говедарство и млекопроизводство кои во моментов доцнат 16 месеци.
„Доколку редовниот буџет нема средства, бараме активирање на парите од Интервентниот фонд за да се спречи ликвидацијата на фармите. Итно воведување на ригорозна контрола на производствениот процес во млекарниците од страна на АХВ. Инспекцијата мора да утврди што точно влегува во цистерните (увозно млеко во прав или палмини масти), а што се пакува и продава на рафтовите под името ‘традиционален македонски произвoд’“, велат од здружение „Симентал“ Делчево. Сточарите јавно бараат прекин на како што велат, притисоците заканите и уцените од страна на млекарниците кои преку селективно менување на цените се обидуваат да ги разединат фармерите на терен.
Тешко оди исплатата на субвенциите за сточарите. Лани во август околу 3.700 сточари млекопроизводители, одгледувачи на говеда добија 147,8 милиони денари премија за млекото за првите три месеци од 2025 година. Потоа, дури во март годинава 4.545 производители на млеко, добија 270 милиони денари, премија за млекото за период јануари-јуни 2025 година. Во април годинава субвенции по грло зедоа само овчарите, а останатите сточари, одледувачите на говерда, на кози останаа неисплатени по грло добиток. Инаку, според програмата за финансиска поддршка во земјоделството во 2026 година, донесена во февруари годинава, Владата обезбеди поддршка од 6 милијарди денари за земјоделието.
Министерот во заминување Цветан Трипуновски, завчера веднаш по протестот на сточарите од Пелагонија објави дека со предлогот на ребаланс на Буџетот предвидени се дополнителни над 1,4 милијарди денари за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и околу 100 милиони денари за капитални инвестиции во водостопанство.