Нема договор – тоа е добра вест!


ЉУПЧО ПОПОВСКИ

На одреден начин, јавноста стана резистентна на „херојските“ или „катастрофични“ изјави на политичарите околу тоа кој ја напаѓа, а кој ја брани правната држава. Нивната реторика стана толку провидна, толку неумесна, толку егоцентрична, толку пристрасна, толку приземна што сè помалку луѓе ги слушаат кога зборуваат дека тие биле наводни предводници на владеењето на правото. Ноќната сеанса во Собранието (како да е некој самит на ЕУ за судбината на „Брегзит“) го покажа токму тоа – дека политичарите се 20.000 милји далеку од граѓаните. Сериозни замислени лица седнале едни спроти други, како да ги решаваат најзамрсените точки од некој мировен договор по војна, а не дека дошле да разговараат за владеењето на правото во земјата што им е татковина на сите. Тој говор на телото ја отслика вистинската суштина на преговорите – дека политичарите се таму за да разговараат само за нивната судбина и за судбината на нивните партии и на олигарсите поврзани со нив.

Можете да се изначитате колку сакате изјави подгревани во партиските кујни за тоа кој не сакал да отстапи во преговорите, кој за што се залагал, какви фантастични предлози давал, кој бил тврд како карпа во одбивањето на тие предлози. Сето тоа е дел од партиската вербална иконографија, а во основа тоа значи дека седумчасовната сеанса всушност на некој начин беше политички покер на соблекување – политичарите се соголија пред јавноста за да покажат што нив единствено ги интересира: самите себеси.

Затоа во голема мера добро е што нема договор и тоа, колку и да изгледа парадоксално, е најдобрата вест од овие „мировни преговори“. Доколку беа усвоени предлозите што вчера беа претставени дека наводно биле на масата, Македонија ќе го направеше првиот вистински голем чекор кон илибералната демократија. Опозицијата да има право да постави обвинител на едно обвинителство, власта на друго. Тоа е малоумно уште во самата помисла. Политичарите се обидуваат да се постават во улогата на конквистадори, чија желба е единствено да постават знаме на некоја нова освоена колонија. Изгледа сосема неразбирливо за граѓанинот дека политичарите се неверојатно нестрпливи за поделба на пленот, па не ги интересира ништо – ни здравјето на општеството, ни иднината на државата, ни очајот на нејзините жители. Можеа да си постават само едно единствено прашање пред себеси – колку луѓе за време на ноќната сеанса ги ставија куферите во некој автобус со билет во еден правец само да избегаат од земјата каде што ништо не е свето, каде што ништо нема вредност, каде што една поголема група од десната или левата страна се опседнати со нивната моќ и можното богатство, и дека ништо друго не е важно.

Во овој развој на настаните не е ништо неочекувано. Мастер-планот на ВМРО-ДПМНЕ беше јасен уште првиот ден кога веќе не беа власт – секојдневно да се поткопува СЈО, да се прикажува како инквизиторска институција која го гони криминалот само меѓу нејзините членови (иако и самиот нејзин назив јасно укажува зошто е таа формирана) и да се чека моментот кој неизбежно ќе дојде за се крене силна кочница за нејзиното функционирање. Само наивните можеа да веруваат дека партијата ќе се согласи за продолжување на работата на СЈО бидејќи бројките во парламентот се на нејзина страна. Се чекаше моментот кога ќе ги извади адутите на маса за кои власта нема добар одговор. И дека тој момент неизбежно ќе дојде ако остане овој парламент.

Во таа игра изгледаше перверзно луѓе осомничени и обвинети за криминали од СЈО да учествуваат во преговорите за негово укинување. Би бил невиден алтруизам, назапамтен на просторите во регионов, некој пратеник, против кого има постапка, да се согласи и да гласа за продолжување на мандатот на СЈО. Таква книга уште не е напишана. И затоа веднаш се знаеше дека работите ќе пропаднат уште пред да почнат. Исфрлањето на предметите отворени по 30 јуни 2017 беа само цреша на тортата за прослава на така стокмената амнестија. Така, со еден удар (подготвен од контроверзното мислење на Врховниот суд) сè требаше да се фрли во бунар. Политиката ќе може да здивне – нека одговараат за криминали само обичните граѓани.

Во оваа игра Владата го изгуби ритамот на своите чекори. Јасно беше дека иднината на Катица Јанева е завршена уште пред да се дознае дека таа потклекнала во работи кои изгледаа незамисливи и без некоја посебна потреба го одложуваше изнаоѓањето решение за иднината на СЈО. Во некоја добро осмислена политика работите со законот можеше да ги стави на чистина уште во раната пролет и тогаш ќе беше појасно кој е за, кој се претвора дека е за и кој е против. Во тие игри Владата се губеше, па се наоѓаше, па пак се губеше. Речиси е неможно да се дознае кој зборува повеќе вистина, а кој повеќе ја премолчува, на вчерашните прес-конференции на Зоран Заев и Христијан Мицкоски, иако изгледа дека и двајцата имаат право. Секој ја префрла вината на другиот. Но, ако е точно дека цела ноќ поминала во јалови разговори околу структурата на новото обвинителство (за која претходно партиските групи потрошија недели и месеци), тоа значи дека сета работа била бесмислено вртење во круг. Во основа, самото споменување на предлозите дека опозицијата треба да предлага јавен обвинител (прво тоа го споменуваше Заев во изборната кампања, а сега Мицкоски го бара како услов без кој не се може) го компромитира правото и се поставуваат шини за комплетна доминација на политиката.

Факт е дека пратениците како претставници на народот ги носат законите, имаат право да го менуваат Уставот, да го регулираат целиот правен систем на земјата. Тие не може да имаат супститут – ниту во експертите, ниту во адвокатите, ниту во новинарите, ниту во невладините организации. И факт е дека политичарите често носат одлуки кои не изгледаат логични. Но, кога политиката претерано се вмешува во работата на другите институции, нештата стануваат загрижувачки. Како, на пример, секојдневните вмровски соопштенија кого треба Вилма Русковска да повика на распит за „Рекет“. Тоа е класичен пример дека некој сака истрагата да се води од партиски штаб, а не според докази од обвинители.

Ова е само еден пример од многуте што го затруа владеењето на правото овие петнаесетина години, ја оковаа државата во пранги, а ноќната сеанса во Собранието на некој начин требаше да биде ставање железна маска на лицето на општеството. Добро е што не се случи тоа, можеби обвинителството сега ќе биде оставено малку на мира да почне да ги средува предметите што ги презеде од СЈО. Ако треба да се донесе закон за јавно обвинителство, кој ќе го поткопа владеењето на правото, подобро да не се носи. Затоа колапсот на „мировните разговори“ меѓу власта и опозицијата во овој момент е добра вест.