Некои градови ќе ги исклучат светлата еден час вечерва: „Решенијата зависат од сите нас“


Фото: Б. Грданоски

Светскиот фонд за дивиот свет (WWF) ги повика граѓаните, градовите и бизнисите симболично да ги исклучат светлата еден час во сабота во 20:30 часот за да се приклучат на нивната глобална волонтерска кампања „Час на планетата Земја“, фокусирана на потребата од заштита на природата.

„Две децении по нејзиното лансирање, иницијативата „Час на планетата Земја“ на WWF придонесе за подобро разбирање на последиците од природните кризи, за нашето разбирање колку е важно да се зачува природата, од која директно зависи 55 проценти од глобалниот БДП, и за нашето разбирање дека без здрава планета нема здрави луѓе“, нагласи Петра Боиќ Петрач, директорка за комуникации во WWF-Adria.

Овогодинешното издание ќе се одржи во сабота, од 20:30 до 21:30 часот под слоганот „Најголемиот час за Земјата“, а милиони луѓе ширум светот се поканети да посветат еден час на природата и на заедничката цел за нејзина заштита.

„Овој едноставен чин не е решение ниту за климатската криза ниту за губењето на биодиверзитетот, но е моќен потсетник дека решенијата зависат од сите нас. Кога милиони луѓе прават мал чекор истовремено, тоа станува глас што се слуша и кој вели дека ни е грижа, дека разбираме колку нашите секојдневни избори влијаат врз природата и дека очекуваме одговорни и правилни одлуки“, рече Боиќ Петрач.

Таа нагласи дека ние сме првата генерација што е запознаена со овие податоци и потенцијално последната што може да направи разлика. „Час на планетата Земја“ нè потсетува секоја година дека промените не започнуваат и завршуваат во тие 60 минути, туку во тоа како ги живееме другите 8.759 часа од годината.“

Затоа, додаде таа, веќе 20 години, во последната сабота во март, луѓето ги исклучуваат светлата и, што е уште поважно, избираат да ги променат навиките, одговорно да ги трошат природните ресурси и да не се откажуваат од барањето за поодржлива иднина.