Недозволиво омаловажување на заменик-министерот за финансии на новинарката Анета Блажевска


Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски (Фото: Б. Грданоски)

 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати писмо за загриженост и реакција до претседателот на политичката партија Подем, Живко Јанкулоски, поради непримерниот и непрофесионален однос на социјалните мрежи кон новинарката Анета Блажевска (која е дописник на „Независен“ од Битола) од страна на заменик министерот за финансии и член на оваа партија, Николче Јанкуловски.

Тој на објави од онлајн медиумот „Апла.мк“ кои се споделени на социјалните мрежи од својот профил невкусно коментира со омаловажувачки тон кон новинарката Блажевска велејќи и: „Само напред, продолжи така. А за квалификации давање далеку си од професионално новинарство. Пријатно“.

ЗНМ нагласува дека ваквиот однос кон новинари и медиуми е недозволив, особено од страна на јавни функционери, и потсетува дека почитувањето на новинарите и нивната работа е суштински дел од демократското општество.

Новинарите играат важна улога во информирањето на јавноста и надгледувањето на работата на институциите, а секој обид за нивно деградирање или напад врз нивниот интегритет може да ја наруши довербата на граѓаните во демократскиот процес.

ЗНМ ги охрабрува политичките партии и институциите да промовираат отворена и конструктивна комуникација со медиумите, како дел од обврската кон транспарентност и отчетност пред јавноста.