Недостигот на работна сила во Албанија го пополнуваат пензионерите
Од година во година се зголемува бројот на ангажирани пензионери во Албанија, како потреба да се покрие празнината што ја оставија младите на пазарот на трудот.
– Според податоците од анкетата за работна сила на државниот Институт за статистика (ИНСТАТ), во 2023 година над 16 отсто од луѓето над 65 години, или 82.000 биле вработени. Стапката на вработеност на возрасни лица-пензионери, се зголемува во текот на последната деценија, од 8,6 отсто во 2015 година на 16,3 отсто во 2023 година, се наведува во анализата на списанието „Монитор“ под наслов „Надеж кај старите. Младите се заменети со пензионери, работат 16 отсто од луѓето над 65 години“.
Според истиот извор вработувањето на постарите лица доаѓа во време кога во истиот период е зголемена невработеноста кај младите.
Стапката на невработеност за возрасната група од 15 до 24 години во 2023 година е многу висока и изнесува 25,6 отсто. Истата година, младите од возрасната група од 15 до 29 години, кои се невработени, не посетуваат училиште или стручна обука, сочинуваат 24,6 отсто.
– Експертите на пазарот на труд тврдат дека постарите лица на возраст за и по пензионирање ги покриваат потребите на бизнисите кои вообичаено не ги претпочитаат младите, како што се чувари на приватни објекти и професиите за кои не е потребна голема вештина и енергија. Од друга страна, ниските износи на старосни пензии ги охрабруваат сè повеќе постарите луѓе да работат за да ги покријат основните потреби, наведува „Монитор“.
Исто така поради недостиг на кадар, посебно во здравствениот и образовниот сектор многу медицински лица и просветни работници работат и по пензионирањето.