Недостасува медицински кадар во штипската болница, во Охрид набавено амбулантно возило


Фото: Б. Грданоски
Во Клиничката болница – Штип недостасува медицински кадар, но и покрај тоа, сите одделенија работат нормално и без проблеми. Според директорот, Ален Ѓеорѓијев, недостигот на кадар најмногу доаѓа до израз во текот на летото, кога се годишните одмори.
-За да се нормализира состојбата и работата да функционира непречено, потребни се уште минимум 20 – 25 медицински сестри. Фалат и медицински сестри и болничари, изјави Ѓеорѓијев.
До Министерството за здравство, рече, доставиле барање за вработување на девет медицински сестри и пет лекари. Очекува барањето да им се прифати. Медицинските сестри ќе бидат распоредени на одделенијата, а лекари недостасуваат најмногу на анестезиологија и ортопедија.
Ѓеорѓијев вели дека се направени новата систематизација на работните места и Планот за вработување кои досега беа пречка за вработување болничари на сите одделенија.
Здравствениот дом Охрид пак, набави ново современо возило за потребите на Службата за итна медицинска помош.
Станува збор за набавка реализирана со сопствени средства на Здравствениот дом – Охрид. Амбулантното возило е со комплетна медицинска опрема во вкупна вредност од 4,6 милиони денари.
– Работиме на унапредување на примарната здравствена заштита, со подобрување и обновување на медицинската опрема и возниот парк на Итната медицинска помош. Со ова возило ќе ја подигнеме ефикасноста на ПЗЗ, особено во летниот период кога во нашиот град има зголемен број туристи, изјави директорката на Здравствен дом Охрид, Ајсел Зејноска.
За сопствени потреби Здравствениот дом во Охрид има набавено уште и патничко возило за патронажната служба, работни униформи, обувки, како и два 12-канални ЕКГ апарати, стоматолошки стол, стерилизатор, апарати за крвен притисок и поголем број стетоскопи, што придонесува кон натамошно унапредување на условите за работа во институцијата.
Изминатиот период во установата се работно ангажирани уште 16 лица од медицинскиот персонал, од кои осум на неопределено време, додека на останатите осум во периодот што следува ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време.