Небезбедна висина и необучен пилот резултираат со несреќа


Временските услови и небезбедната висина на која летал авионот, според Ѓорѓи Чачкиров, искусен пилот и ексдиректор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, се најверојатната причина за несреќата на „цесната“.

„Пред да се тргне на лет пилотот треба да се направи претходна и извршна подготовка. Во претходната подготовка се црта линијата на летот и се бележат ориентири според кои се води летот. Во извршната подготовка се дополнува со метеоусловите. Ако пилотот е оспособен за инструментално летање, тогаш лета по инструменти. Ако не – визуелно. Во текот на летот, ако ги набележал маркерите, требало да знае дека пред него е Солунска Глава. Ако бил предупреден за облаци или ги видел, а не можел да лета по инструменти, не ни требало да продолжи натаму. Во такви услови, најверојатно го фатила паника, која прави уште поголем проблем“, појаснува Чачкиров што најверојатно се случувало.

Најверојатно, вели тој, „цесната“ летала ниско, иако на такви релјефи особено е важно да се држи безбедна висина.

„На планински врвови, ако не си на безбедна висина, обично се создава струење – канализирано или вително. Во такви услови, најлош избор е премислување на пилотот, а во конкретниов случај, најдобро решение било враќање назад“.

Чачкиров посочува дека „цесната“ е најпродаван авион во светот и најмногу користен, што кажува дека најверојатно не се работи за проблем со безбедноста на авионот. Но тој додава дека се можни многу опции. Ако го ‘линувал’ односно осиромашувал горивото, што пилотите го прават заради нормален лет, можно е во паниката што го фатила, да не го вратил уредот назад, па моторот примал повеќе бензин отколку што му е потребно. Ова е една од можностите, но Чачкиров не верува дека се случила. Тој посочува дека за избегнување на вакви несреќи е основна едукацијата на пилотот и почитување на пропишаните норми.

И пилотот Кире Каевски вели дека летање во лоши временски услови кога пилотот не е обучен, често резултира со ваков исход.

„Од Охрид за Софија има воздушен пат, но пилотот во текот на летот се премислувал. Или бил прениско, и во тој случај удрил во брдо или бил повисоко, па се случило замрзнување на крилата или паднал поради неправилна положба на воздухопловот“, вели Каевски.

(А.С.)